Остатоци од храна, трева, но и земјоделски биолошки отпад што им останува од работната пракса во училишните пластеници, средношколците од струмичкото средно училиште „Димитар Влахов“ го претвораат во компост. Ученичката Танкица Гонева е особено активна во овој процес. Вели дека се вклучила со цело срце, од ѓубрето да се направи ѓубриво.
„Сакам да го совладам процесот на компостирање бидејќи со тоа можам да ја заштитам нашата животна средина. Опкружени сме со многу диви депонии. Земјоделците непотребниот материјал го фрлаат околу коритата на реките, околу плодната почва и со тоа загадуваат. Со компостирањето можеме да направиме органски производ и повторно да го употребиме во почвата,“ вели Танкица.
Во струмичко се претпоставува дека има над 100 диви депонии. Односно по една до две во секое населено место и десетина во околината на градот. Овие средношколци буквално живеат околу купишта ѓубре. Тоа за нив не е ново. Но, сосема е нов пристапот кон ѓубрето којшто го учат на работилниците со своите професори коишто ги едуцираат како да применуваат зелени практики во управувањето со отпадот.
Петнаесетина ученици коишто се вклучени во проектот за заштита на животната средина стекнуваат знаења како да имаат одржливо земјоделство што ќе биде во хармонија со природата.
Томе Тимов од здружението „Хорти Еко“ вели дека загадувањето со органски отпад е сериозен проблем затоа што Југоистокот е еден од најголемите производители на храна.
„Голем проблем е што дел од фармерите не го заоруваат тој градинарски отпад или не го компостираат, туку го палат и го загадуваат амбиенталниот воздух ,“ вели Тимов.
Неговото здружение е вклучено заедно со средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица во проект за едукација на млади фармери и средношколци за одговорно земјоделство. Проектот е добитник на еден од шесте ЕУ грантови што ги доделува Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво.
Професорите кои што се вклучени во проектот сакаат да помогнат да се промени свеста на земјоделскиот производител, но и на учениците коишто изучуваат земјоделски струки и ќе бидат идни производители на храна.
„Имаме енормно загадување на водите, околината, неправилна и беспотребна употреба на хемиски средства особено хербициди. Со нив толку ги загадивме почвите и водата што имаме проблем при производството,“ вели професорот по стручни предмети во СОУУД „Димитар Влахов“, Динчо Крстев.
Со него се согласува и колегата Ванчо Танев, исто така професор во средното училиште „Димитар Влахов“, но алармира и дека земјоделците мора да го окрупнат земјиштето за да размислуваат за вистинско органско производство.
„Не можеме на ситни површини каде на пример јас имам некоја култура садено, а соседот до мене врши апликација. Сета површина ќе се загади со дување на ветрот, честичките од хербицидите лебдат во воздухот. Со окрупнување на неколку хектари ќе има подобра контрола,“ дециден е Танев.
Откако се запознаа со техниките за компостирање, учениците ја посетија лабораторијата за испитување на почва и вода „Проагро анализа“ во Струмица за да се уверат каков е квалитетот на водата околу загадените подрачја. Зедоа примероци и со помош на стручните лица вработени таму, ги анализираа.
Учениците велат дека многу им помогнале работилниците за планирање на кампањи за чиста и здрава животна срдина за да сфатат кои се приоритетите за нивната околина. „Обуките за мене беа корисни да можам да го најдам коренот на проблемот и тимски да бараме решение за она што ја притиска нашата околина. Нам младите ни пречи тоа што отпадот се фрла на секое ќоше и најчесто ние тоа го вдишуваме,“ вели Ангела Ѓоргиева.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар: Сузана Мицева
Фотограф: Томислав Георгиев
https://medium.edu.mk/