На јужната страна на планината Богословец, покрај самиот десен брег на реката Брегалница на петнаесетина километри јужно од Свети Николе се наоѓа импозантно здание, познато како ЃАВОЛСКИ ЅИД.
Овој импозантен ѕид е изразито забележителен во должина од петстотини метри, во правец на протегањето на “Богословец”, и вдолж десниот брег на Брегалница, а негови траги можат да се забележат дури и на пет километри кон запад. Траги од ѕидот се забележуваат и на левиот брег на Брегалница, кои асоцираат на единственост на Ѕидот. Просечната височина се движи од 10 до 12 метри и широчина од околу 2 метри. Градбата е изведена со камени блокови со просечна зафатнина од 4 кубни метри, меѓусебно поврзани со тенка, црвеникава врзивна материја нанесена од вештиот градител.
Околу потеклото на овој монумент постојат различни гледишта. Дел од науката тврди дека станува за природна појава, односно дека ѕидот е ремек дело на природата, настанат со ерозија на околното земјиште. Наспроти ова тврдење, има научници кои сметаат дека станува збор за градба, а не за природен феномен. Кон ова тврдење тие го наведуваат фактот дека такви камења како на градбата не постојат во непосредната околина, неверојатната вештина во градењето, како и постоењето на тенкиот врзивен материјал со црвена боја.
Наспроти науката, кај народот од овој регион постои верување дека градбата е дело на надземни сили, односно на ѓаволот, па затоа и му дале име – Ѓаволски ѕид.
kajak.mk