Турата беше изведена јуни 2017 година, со 25 пријатели од Израел. Третина од нив беа слепи и рака под рака со останатите се искачија на врвови над 2.000м низ трите наши Национални Паркови. Поминавме повеќе од 50км по Македонските планини и во 3 последователни дена по сонце и дожд ги искачивме Меденица (2.163м), Магаро (2.255м), а по бескрајните камени реки и Пелистер (2.601м). Само на Пелистер искачивме 1.300м висинска разлика и пешачевме 12 часа. Гледаш и не им веруваш на своите очи, а си сведок дека овие луѓе не гледаа, а веруваа!
До сега во Македонија не е направена ваква тура но ние верувавме и го прифативме предизвикот. Пред да тргнам колегите не прашуваа “а зошто воопшто одат кога неможат да видат ништо од врвот?”. Одговорот не ни беше конкретен но длабоко во себе знаевме дека мора да имаат добра причина. Сега ни е се многу појасно. Ние гледаме и поради предрасудите не веруваме, а овие луѓе не гледаат но имаат силна верба.
Под секој врв им ја подигнувавме главата да го замислат барем аголот на патеката пред нив. Да можевме ќе им ги позајмевме очите да видат каде успеаа да се искачат. Да планинариш со вакво друштво е неповторлино доживување и во ниеден момент немаш право да се пожалиш бидејќи од старт си во предност. Секој од нас имаше свој врв, внатрешна борба, но и задоволство на крајот од денот, а нашето задоволство беше да ги видиме нивните солзи радосници.
Турата беше специјална во полна смисла на зборот. Секој ден полн со куп емоции, а планината ни помогна сите да се вратиме како подобри луѓе. Оние кои беа слепи поради еднаквиот третман и можноста да бидат дел од тимот, а другите затоа што доброто што го правиш се враќа многукратно!
naturamk.org
aberdojde.mk