Секретарот за трговија и развој на заедницата во Вермонт, г-ѓа Lindsay Kurrle и претставниците од економскиот оддел на американската амбасада, г-дин Andrew Moffat (економски службеник) и г-ѓа Розита Мреноски (економски персонал), на 2 јуни, посетија неколку локални фарми и вкусија традиционална храна Македонија. Една од нивните постојки беше Работилницата за производство на локална храна во Пехчево, основана од МРР на Македонија со поддршка на шведската развојна организација „We Effect“.
Постојаното зголемување на потребата и побарувачката за свежа и локална храна ширум светот, беше мотивација да се развие идејата за воспоставување на првиот Food Hub во земјата, како поддршка на локалните производители на различни нивоа: преработка, пакување, платформи за е-продажба, маркетинг, вмрежување итн.
Локалните земјоделци и преработувачи на храна од околината на Пехчево, го препознаа целосниот потенцијал на идејата, па затоа овој прв Food Hub беше сместен во основното училиште во Пехчево, кое ја отстапи својата кујна за користење. Локалната акциска група Малеш-Пијанец ја презеде одговорноста за управување со Работилницата за производство на локална храна.
Имајќи предвид дека ваквите Food Hubs се добро развиени во државата Вермонт, оваа посета беше интересна за обете страни да разговараат за идеите за понатамошен развој на Работилницата за производство на локална храна во Пехчево и за следните чекори за партнерство.
ruralnet.mk
aberdojde.mk