На само 10 km од Валандово веднаш до селото Прстен се наоѓаат три прекрасни водопади. Претставуваат ерозивни водопади, а се формирани како резултат на нееднаквото вертикално всекување на Прстенска Река во филитите и песочноците.
Првиот Водопад е со висина од 16,5 m, а го сочинуваат два вертикални одсека. Првиот е со висина од 5,5 m и уште еден одсек со висина од 11 m. Двата вертикални одсека се поделени со џиновски лонец, а заедно сочинуваат една целина. Вториот Водопад е со висина на вертикалниот одсек од 16 m, a водата паѓа под агол од 80°. Веднаш над овој водопад се наоѓа и третиот водопад кој е со висина од 9,2 m. Oвој водопад го сочинуваат три вертикални одсека. Првиод одсек е со висина од 5 m, вториот од 2,5 m и третиот одсек со висина од 1,7 m. Помеѓу трите одсеци има изградено џиновски лонци.
Иако водопадите се наоѓаат непосредно до селото Прстен и се на само 100 m оддалеченост еден од друг, сепак оваа убавина е скриена за љубителите на природата. Тоа е како резултат на длабочината на речното корито и големата ерозивност на карпите, со што ги прават водопадите тешко пристапни. Па за нивна поголема посетеност и ставање во функција на туризмот неопходно е изградба на патеки и видиковци.
Автор: Глигорије Џилвиџиев