Во областа Азот во западната страна на велешката околија, сместено на 1.000 метри надморска височина, каде што орлите се гнездат под врвот Солунска Глава, на падините на планината Јакупица се наоѓа мијачкиот „остров“ во централна Македонија – селото Папрадиште.
Престојот во ова село е задоволство, било да е лето или зимa.
Името го има добиено поради изобилството на папрат во селото и во околината. Со асфалтен пат е поврзано со селото Богомила од кое е оддалечено осум километри. Папрадиште, заедно со Ореше, се единствените мијачки села во областа Азот и во целиот велешки регион.
Селото е формирано околу 1770 година од Мијаци од селата Тресонче, Лазарополе, Гари, Галичник во Западна Македонија, кои овде се доселиле бегајќи од нападите на турските и албанските качачки банди.
Првично, велат, селото се викало Ѕвезданово, а условите за живот биле слични како во Тресонче. Но, Sвезданово било испустено и новодојдените не биле добредојдени од месното брсјачко население.
Немајќи слама да ги покријат новосоградените домови, селаните користеле папрат што тука расте во изобилство. Така, селото го добило денешното име Папрадиште.
Денес, за да се стигне до селото постојат два начина. За оние што не се по пешачењето, со автомобил или со воз до станицата во селото Богомила, а потоа со такси до Папрадиште. Оние, пак, што сакаат да пешачат, се симнуваат на станицата по Богомила – во Ореше и оттука до селото се стига за околу два и половина часа.
Со отворањето на планинарскиот дом (обновен пред неколку години), селото живее во текот на целата година, бидејќи е попатна станица за планинарите кои одат да ги освојуваат врвовите Чеплес и Солунска Глава.
Папрадиште е прекрасно преку целата година. Тука човек за само неколку денови ја надополнува енергијата што ја троши во град и на работа.
Во самото село може да се бере и капини, малинки, боровинки и планински чај а особено се познати и вкусни печурките наречени „Смрчка”. Сепак, берењето печурки да го препуштиме на познавачите.
Селото е познато и по папрадишкиот компир, што поради местоположбата каде бил одгледуван бил баран и ценет во цела Македонија.
Сите куќи во селото имаат поглед кон регионот на Азот, поставени се амфитеатрално и заштитени со плехови за ветерот и дождот да не ги уништуваат. Тоа се оловни фолии, што своевремено се купиле од печатницата на „Нова Македонија“.
Посетителите не ја пропуштаат можноста да го посетат Марков Камен, каде што, според преданието, Крале Марко, кога шетал, оставил белег на еден камен. Трагата не е многу видлива дека е од нога, но преданието долго живее.
Селото Папрадиште ги пренело адетите од Галичник, па на Петровден е селска слава. Се собираат стотици жители, гурбетчии, сите се во родното место да се видат и да си помуабетат. Сите домови се отворени и се примаат гости.
Папрадиштани се гордеат со великаните, културните дејци кои оставиле неизбришлива трага во животот во Македонија. Тука се големите градители на цркви – Андреја Дамјанов и Ѓорѓија Џонгар, основоположниците на македонското сликарство и резба – Димитар Андонов Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, преродбеникот Димитрија Чуповски.
Во селската црква „Свети Петар и Павле“ од деветнаесеттиот век се наоѓа спомен-соба во чест на овие национални великани.
Папрадиштани се горди и чесни луѓе, патриоти кои дури се живи ќе го одржуваат жив огнот во огништата. Велат, селото нема да изумре и селските порти секогаш ќе бидат отворени да ги пречекаат добрите гости.