Абер дојде: Маестро Андреј Наунов, импресивна е Вашата професионална кариера. Читајќи ја биографија Ваша, секој соговорник Ваш би се запрашал од каде да се почне, за да најдобро Ве претставиме на нашите читатели.
Дипломиравте на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот пијано во класата на доцент – проф. Симон Трпчески. Вие сте пијанист, вокал, снимате филмска музика, корепетитор кој има соработка со првенците на МОБ: Славица Галич, Весна Гиновска, Борис Трајанов, Ана и Игор Дурловски. Со инструменталистите Микајло Куфајанакис, Климент Тодоровски и уште многу други познати наши музички имиња. Член во жирито за пијанисти на Меѓународниот фестивал за Славјанска музика во Москва.
Вие сте и диригент на хорот при црквата Пресвета Богородица од Скопје, имате изиграно над 700 претстави и други перформанси во детските проекти на Десанка Глигоријевиќ, а ја реализиравте и првата Стенд Ап Опера во која земавте учество како сценарист, модератор и диригент со целокупниот ансамбл на МОБ. Вработен сте во Македонската Опера и Балет, а од 2009 година работите и како надворешен соработник на Факултетот за музичка уметност- Скопје.
Овој Ваш музички потенцијал и огромен ангажман бара многу енергија, концентрација, Ваш духовен мир донесен до перфекција. Кому му го должите тоа?
Маестро Наунов: Сигурно ќе звучи чудно, но сепак сето тоа и го должам на музиката, затоа што за неа давам и од неа црпам енергија. Самата хармонија во музиката, ме смирува, но и ме разбранува како емоција и енергија, за сè поголеми предизвици, а со тоа и успеси. Кога ќе го погледнам мојот музички пат наназад, сфаќам дека тој професионален пат ме исполнува и со тоа ме прави исполнет и среќен и на приватен план.
Кога сме кај приватниот живот пак, морам да кажам дека, духовниот мир, енергијата, и желбата за творење ми доаѓа од дома, затоа што ако било кој човек нема хармонија дома, залудно му е талкањето и празното барање на сè хармонично надвор од дома. Домот и семејството се фундаменталната клетка за успехот на поединецот, па и колективот или општеството. Затоа морам да ги спомнам моите две деца Ангел и Димитар, а посебно сопругата Елена, кои целосно имаат разбирање за сите мои ангажмани, кои продуцираат мое отсуство од дома и за сето тоа да им се заблагодарам.
Во изворот на енергија, концентрација и духовен мир, морам да ги спомнам и моите пријатели, другари и колеги, од кои исто црпам енергија, и за време на работа, и за време на дружење. Јас сум тип кој многу сака луѓе и дружба и сфаќам дека тоа ми ги полни батериите. Никако не можам да се замислам без друштво, во било каква и да е прилика и состојба, зашто според мене човекот не е створен да биде сам, и да преживува било какви умствени, физички, емотивни состојби (среќни, тажни), а да не ги сподели со други.
Можеби малку оддолжив со одговорот, но како, а да не ја спомнам природата, и нејзината совршеност и суштинска кохезија во хармонски склоп со сè што е нејзин составен дел, како, за мене, извор на енергија и мир. Во младоста бев активен планинар, и затоа сеуште сум вљубеник во природата, и посебно сум среќен кога ќе имам можност да поминам време во природа, особено со моите најмили, кај што сега во улога на родител, не само јас што ѝ се воодушевувам на природата, туку се трудам да ги воведам и моите деца во приказната на нераскинливата врска меѓу човекот и природата, која врска во последно време, а по моја проекција и сè поинтензивно ќе се раскинува, имајќи предвид какво време во смисла на техничко-технолошки напредок нè очекува, што за мене е многу жално и декадентно, иако новите генерации сфаќаат дека тоа е прогресијата на човекот. Силно тврдам дека мирисот на природата, шумите, водите, звукот на птиците, инсектите, животните, и самата компактност на флората и фауната во природата, го даваат основниот пулс на човекот, а особено на уметникот, за својот израз. Ќе го спомнам големиот француски композитор Клод Дебиси, кој исто бил вљубеник во природата, имал посебен хербариум од пеперутки, кои ги редел по боја, односно нијанси на боите, и воодушевувајќи се од самата симетричност и периодичност на самите пеперутки компонирал и барал бои во акустичка смисла, инспириран од самата совршеност на боите на природата расфрлани врз еден животински вид – пеперутките, и создал еден нов свет во музичкиот израз, па според мене иако тој е импресионист (а пак ќе се повикаме на импресијата од природата, компонирајќи ги “Море” “Месечина” “Попладнето на еден Фаун” итн. ) за мене, со право ќе кажам, тој е основоположник и на еден друг стил во музичката уметноста кој после него се развива, колоризам.
Таквата поврзаност на уметникот со природата, засекогаш ќе остане нераскината, само субјективниот момент на уметникот, колку може да извлече инспирација и енергија од природата останува индивидуална. Затоа, јас се трудам секогаш кога можам да бидам во природа. Еве моментално се наоѓам во Крушево, и во моментов Крушево изгледа како од сликовница, со снегот. Но и во лето Крушево е инспиративно со своите убавини. Но не само Крушево, јас постојано одам и на Пониква, бидејќи родум сум од Кочани, и таму пораснав, бидејќи имавме планинарски дом, во самата дивина го слушам мирот, кој понекогаш ќе се разруши со некој крик на орел, или дива свиња, а да не спомнувам, какво чувство предизвикува виежот на волците во зимските ноќи. Инспиративно секогаш ми е и кога ќе отидам накај струмичкиот крај, Беласица, водопадите во Колешино, Смоларе, изворите во Мокрино, па браната во Иловица, во подножјето на Огражден. Летово бев изненаден од едно дрво кое датира од времето на Цар Самуил и битката на Беласица, кое му пркоси на времето и раскажува за сите тие години повеќе од еден милениум, преживеано. Го поврзувам по еден временски меридијан со стариот чинар во Охрид, кој му е современик на чинарот од Беласица. Повеќе од 1000 години е предмет за инспирација на безвременост, а воедно и гордост за нашето постоење, т.е. на македонската историја, која безмалку во ова време е ставена на маргините на уништувањето.
Абер дојде: Како уметник давате свој придонес во хуманитарните манифестации, како што се концертните изведби, претстави, црковно – хорското пеење и диригирање. Претпоставуваме дека тоа е духовната поврзаност со нашите обичаи и традиција?
Маестро Наунов: Обичаите и традицијата ми се вродени, односно се дел од моето детство. Пораснав со тоа. Секој празник бевме собрани, иако бевме голема фамилија, кај баба и дедо, и навистина, од оваа инстанца на време, сфаќам колку е важно за една поширока фамилија да споделува такви убави моменти на куп.
Еве исто ќе се потсетам, од детството и младоста, на неделниот домашен, семеен ручек. Се знаеше кој каде и да е, во недела во 14:30 сите на маса. Тоа е еден момент на семејно воспитување, во духот на традицијата, кој во последно време, заради брзиот начин на живот, и борбата за “подобра” егзистенција, што е голема тема на дебата, колку му е потребно на човекот, сè повеќе се занемарува, не приметувајќи дека тоа ја губи нишката на тесниот семеен круг, важен за егзистенција и успех на индивидуата.
Многу пати си ги спомнувам случувањата со палење оган, кој може се и пагански обичаи, но сепак обичаи (световни), колку беа моменти на доживување не само за децата, во кои бев и јас, туку и за возрасните, за Бадник, и исто така на Прочка. Комуникацијата на луѓето на таквите среќавања и случувања се незаменливи, затоа што според мене допирот дури постои, ќе постои и вистинската дружба, што пак му пркоси денешното време, кое се состои од база на виртуелност. Уште од мал исто така одев на литургија во недела во Кочани, и навистина тогаш ја сфатив целосната поента на таа свечена служба и од духовен и од световен аспект, па можеби и самото тоа време, ме прати и до ден денес да бидам нераскинлив дел од тие неделни Богослужби, кои сакале или нè, мораме да ги спомнеме како дел од нашите вродени обичаи и традиција. Да завршам, од секогаш сум бил растен, и воспитуван во духот на традицијата, и на еден начин во духот на фолклорот, кој ги содржи тие обичаи, песни, приказни… што е една друга тема, за која во друга прилика ќе си поприкажеме.
Абер дојде: Со ансамблот “Вокали” настапувавте на Охридско лето, Скопско лето, ДММ. Исто така и со вокалниот ансамбал “Хераклеа” настапувавте на Дубровачките летни игри, Охридско лето, Вино фестивал – Нови Сад. На Вино фестивал, ги вкусивте ли странските вина, за да направите споредба со нашите?
Маестро Наунов: Секако, тоа беше фестивал со многу голема понуда на вино, и навистина имаше голем избор за дегустација. Мене доста ми се допаднаа романските и француските вина, а за споредба со нашите не би правел, зашто и кај нас има многу квалитетни вина, кои ги нема во продажба, а сум ги сретнал и на други саеми, на пример во Москва, каде имаше изложено неколку врсти на “Special edition”од неколку винарии кои котираа доста добро, така да, за изненадување и во Нови Сад имаше дел од тие вина. Секое вино си е заштитен бренд од кај што потекнува, па и затоа задолжително има назначено географско потекло, како дел од индустриската сопственост, со што го карактеризира регионот од кај што потекнува, па така македонското вино е добар репрезент на нашата плодна и погодна почва, како и топлото македонско сонце, извор за добро вино.
Токму во тој поглед би требало малку повеќе да се фокусираме кон афирмација на нашите производи воопшто од гастрономијата, како едно обележје за широк спектар на продукти.
Апропо виното, темата ја ширам и во Словенија, бидејќи повеќе пати сум бил со хорот “Франце Прешерн” од Скопје, навистина виното претставува важна напивка, која е опеана и во многу песни, и е најзастапен дел од било која софра, а фрапантен е податокот дека во таа земја има регистрирани 10800 винарии, што значи дека, секој лозар си има регистрирано винарија, давајќи со тоа до знаење колку виното им значи во секојдневниот живот. Еве и словенските, па и италијанските вина би ги спомнал како компарација, со нашите, и би рекол, можеби помалку, но сепак имаме вина кои можат да бидат на мегдан со другите европски вина.
Абер дојде: Заради Вашите професионални ангажмани сте повеќе во Скопје. Во слободното време кои рурални места надвор од Скопје ги посетувате? Имате некој посебен избор?
Маестро Наунов: Каменот си тежи на местото, секогаш со воодушевување и трепет одам за Кочани, бидејќи, спомнав, од таму потекнувам, иако во последно време сè помалку одам натаму. Посебен избор немам, но навистина би има многу убави места во тој крај. Многу поволна клима за рурален туризам има во Зрновци кое се наоѓа во подножјето на Плачковица, каде што има и брана, река, многу убави ресторани со автохтона кујна, и рецепти од ориз. Посебно возбудливо ми е секогаш одењето на браната “Градче” во непосредна близина на Кочани, чија природа треба само да се доживее. Едно време, пред повеќе од 20 години, браната и самото течение на реката од неа, беа собиралиште на младите особено од први мај, па во текот на целото лето, каде се вцрствуваа врските меѓу младите, и се раѓаа многу другарства и инспиративни случки меѓу истите.
Секако еден од најубавите предели во кочанско е, како што спомнав и погоре, ски-центарот “Пониква” чија што убавина и раскош зборуваат сами за себе, и драго ми е што во последно време сè повеќе се интензивира развојот на рурален и планински туризам во целиот дел од тој дел на Осоговијата.
Абер дојде: Како корепетитор имате извонредни можности да ги истакнувате своите изведувачки вештини на пијано низ голем број настапи во европските држави како што се Швајцарија, Италија, САД, Русија, Австрија, Србија, Германија, Унгарија, Романија, Словенија. Веруваме дека на таквите патувања останува и малку слободно време да ги посетите градовите и малите населени места, па и да направите споредбени анализи за природните туристички потенцијали на тамошните села, со нашите. Има ли нашето природно богатство капацитет да го развиваме за да привлечеме странски туристи во такви места?
Маестро Наунов: Навистина, може ќе звучи пристрасно, но Македонија има и може да понуди навистина голема лепеза на природни богатства како темел за унапредување на туризмот, а со тоа и привлекување на странски туристи. Но сепак, мора малку повеќе институционално да се координираат нештата, и со тоа да се постигне успех во афирмација на целата држава.
Најпрвин треба да си ја запознаеме сами државата во смисла на понуда на природни богатства, за домашни туристи, кои ќе бидеме самите афирматори, спознавајќи сè самите себе како богата држава со природни богатства и ресурси, како подлога за развој на секаков вид туризам. На една мое патување во Војводина, имав доживување, во кое на една висорамнина од 250 метри надморска висина, имаше едно дрво, старо 250 години, и ни беше презентирано како природно богатство и заштитен, раритет од тој дел на Србија. Не би се споредувал со ова доживување, но ми е добар пример како се чува и воздигнува своето, како пример и за наша афирмација, спомнувајќи си од претходно спомнатите два чинари во Охрид и Беласица, кои се “само” четири пати постари, и кои навистина би можеле да бидат туристичка атракција.
За езерскиот туризам, ќе направам само една паралела меѓу нашите езера, и на пример Блед во Словенија, или на пример Балатон во Унгарија, кои навистина се со импозантни бројки на посетители во текот на целата година, во сите годишни времиња, а не се ништо повеќе од нашите езера.
Друга паралела ми е секогаш интересна, помеѓу “Постоинска јама” во Словенија и “Врело-Матка” во Македонија. Спелеолошкиот туризам воМакедонија има голема подлога и огромна понуда за истиот но никако да се популаризира, а пред некое време слушнав дека на територијата на нашата земја има околу 300 пештери.
Бањскиот туризам, е една исто недоволно афирмирана гранка, но не поради тоа што нема што да се понуди туку заради други причини, а навистина, сум бил во неколку бањи во Македонија и првенствено се извор на здравје, а потоа и предмет на туристичката агенда.
Абер дојде: Г – дине Наунов, веруваме дека признанијата од Вашите соработници и публика не изостануваат? Да ни спомнете некои од нив?
Маестро Наунов: Во моментов, прво што ми падна на памет е грамотата од Москва што ја добив како дел од 7-членото интернационално жири на Интернационалниот натпревар на славјанска музика, како и особено драгата диплома,на хорски натпревар “Мокрањчеви дани” во Неготин, минатата година, кога хорот “Вардар” од Скопје, во кој сум член и јас, и ја добив за најдобра композиција од домашен автор, а тоа беше моја композиција. Истата таа композиција беше избрана да биде изведена, на божиќниот концерт на хорот на Виенската Национална Опера, оваа година.
Признанието од соработниците, на мое задоволство, е што сè повеќе соработници имам со тек на време, а најмногу од сè ме радува што моите студенти, сега ми стануваат соработници и врската за соработка се повеќе се зацврстува и се втемелува.
Навистина дипломи и благодарници има многу, но не сум многу пристрасен кон истите, бидејќи најголемата награда на уметникот е задоволната публика и аплаузот. Неблагодарно е да се зборува за сам себе, па затоа само ќе посакам да остане задоволството од публиката, од целосната моја работа и творење. Дипломите и благодарниците се и награда, но и на еден начин задолжение и за понатамошна работа и успеси, само со надеж за инспирација за понатамошни успеси.
Разговорот го водеше Сашко Поповски