Неколку месеци нема терен, нема истражување. Просторни планови веќе со години не се изработуваат. Со мислите враќајки се во детството, од Гумењата, преку Чифликот, Џабирите, Пампурите и Дуритите доаѓаме до Побиен Камен. Дали ќе ни помогне и фантастичната приказна за Цар Константин и Царица Елена да го разрешиме обидот за исламизација на жителите од село Бели, Кочани, сублимирано во Крстот на овој камен?! Бидејќи нема историски податоци, ќе ја користиме петрографијата, топонимијата, антропонимијата и одредени сочувани преданија кај месното население.
Најпрво ќе ви доловиме факти за каменот. За тоа кога е поставен, зошто токму тука е побиен и на него е уклесан Крст, симболот на христијанската вера, против кого е поставен, односно какво е неговото значење. Всушност, се работи за два камена. Едниот поставен на ридот Побиен Камен и другиот со ист состав само многу помал, но со слична намена кај Гумењата. И тој го паметам, но сега не постои. Неговиот траг се губи во времето на асфалтирањето на патот од Кочани за Бели. Оваа година слична судбина го снашла и големиот камен со крстот, кога трагачи на злато, не знаејќи го неговото значење и очекувајќи дека под него има скриени пари го подкопале, го турнале и го оставиле така легнат подалеку од неговата правобитна положба. И тој бил на пат да ја доживее судбината на малиот камен. Тоа беше и предизвикот да го напишам овој текст за него, односно да се обидам да го спасиме од заборавот, бидејки тој заслужува многу повеќе.
Побиениот Камен е со четвртаста форма, висок е 1.60 m и има обем од 1.30 m. На една негова страна со поглед кон селото е уклесан крст. По петрографскиот состав тој е метаморфна карпа, доста отпорна на надворешните влијанија. Не е изваден од околината која е од седиментен состав, ниту е спуштен од соседната која е вулканска купа. Каменот е донесен со голем труд од високиот дел на Осогово, каде постојат карпи со таков состав. Поставен е на врвот на ридот и е видлив од секоја куќа од селото. Тој е видлив и од јужниот дел на Кочани со целото Белско маало.
Малиот камен пак бил поставен на влезот од селото во Гумењата, место кое во во еден период од турското владеење играло многу важна улога. Тука Белани го плаќале долгот кон државата – десетокот. По жетвата доаѓале спаиите и го зимале спаилакот. Мерката била од сноп или во просек. Еден врав од 100 снопа, обично во просек давал 8 килограми жито). Од тоа на државата требало да се даде 10 проценти. (1 килограм еден товар = 100kg). Во неродни сушни години тој просек бил многу низок, а такви во атарот на Бели биле чести и се случувало, селаните по давање на десетокот дома за прехрана да однесат сосема малку жито.
Топонимот Чифлик се наоѓа наспроти Гумењата преку реката. Ова место спаѓа меѓу најплодното земјиште во атарот на селото. Името води потекло од турскиот назив за поголем земјишен имот во посед на ага или бег. Со формирањето на чифликот, престанал да важи тимарскиот систем и плаќањето на данокот – десеток во Гумењата. Старите феудални земјопоседници со новите реформи од 1856 година станале чифлик сајбии. Во чифлигарскиот систем животот станал многу потежок. Селаните морале да слугуваат многу денови кај чифликсајбијата, а и голем дел од приносите на нивните имоти им биле одземени преку данок во пари. Во чифлигарскиот систем муслиманите биле привилигирани. На нив земјата не им се одземала како на христијаните. Тоа највероватно на Белани им било привлечно. Селото е сместено во близина на Кочани, а веднаш преку ридот Локобија е џамијата и власта била заинтересирана да го привлечи населението кон исламот. Од историјата е познато дека исламизацијата во Македонија се одвивала во долг период и во повеќе фази. Во долината на Радика еден дел од населението го смениле јазикот, а ја задржале христијанската вера, додека други во долна Радика ја смениле верата, а го задржале македонскиот мајчин јазик.
Во Бели се одвивал еден интересен процес. Отоманската власт исламизацијата ја започнала со давање турски прекари на сите фамилии во селото. Што е најчудно тие прекари толку се зацврстиле што и ден денеска останале во употреба. Така во Горното Маало и денеска се користат прекарите: Ахмети, Шаини, Шашкни, Даути, Дурити. Во Средното Маало: Карфути, Азмани, Фудули, Џабири, Киндили Топузи. Во Долното Маало: Пампури, Бамбари, Сунгии, Грагоњи и во Кметското Маало: Каркаши, Карпузи, Дугии, Кадрии и др. Некои од прекарите се навредливи, на пример Шашкни, луѓе малку забегани или Карпузи, оние чија глава личи на лубеница, па Топузи сл. Сепак белани прекарите си ги прифатиле и сега ги користат. На прашање зошто те викаат така, одговараат со„не знам“, а од кога те викаат така исто одговараат со „не ми е познато“.
Со добивањето на турските прекари белани ги сочувале имотите. Сепак со воведување на чифлигарскиот систем, тие што не можеле да го платат данокот им претела опасност да ја изгубат и земјата. Меѓутоа, најголема болка Белани почувствувале кога по добивањето на прекарите, следниот чекор од власта бил промена на верата и прифаќање на исламот. Тоа тие никако не сакале да го прифатат. Се организирале и барале начин како да ја сочуват верата која ја сметале за светост. Решиле, на највисокиот рид над селото да постават крст, симболот на христијанската вера. Довлекле голем камен од Осогово, исклесале на него крст и го поставиле. Крстот се гледал од секоја куќа од селото, но тој можел да го виде и секој што ќе дојде во Бели. Целта на поставувачите била иста како и за поставувањето на крстови во наше време, на Големиот Крст на Водно или оној помеѓу Драчево и Студеничани, потоа кај Кучково и други. Но во тоа време за истакнувањето на јавно место на крст се губел живот. Затоа поставувачите прогласиле дека крстот е поставен уште од римско време. За таа цел го исконструирале преданието за посетата на Цар Константин и Царица Елена на Бели. Царот Константин, од историјата е познато дека христијанството го вовел како државна религија во Римската империја, а Царицата Елена го пронашла Крстот на гробот на Исус Христос во Ерусалим и го прогласила за симбол на христијанската вера. Тие, „при престојот во Бели“ , се опкладиле да се натфрлаат со камен од врвот Алењак. При тоа каменот од Царицата паднал кај Гумењата, а од Царот се побил на високиот рид над селото.
Сигурно дека ова е убава приказна, но Побиениот Камен останал до денеска. Во меѓувреме дознав дека од група младинци, тој повторно е кренат и поставен на старото место. Тоа секако не е доволно. Побиен Камен сигурно заслужува многу поголемо внимание и грижа за негово зачувување во изворна состојба не само за оваа туку и за следените генерации и поколненија. Во него е сублимирана големата вистина дека каменот „помни“ подолго од човекот и напишаниот збор. Тој е нема историја за тешкиот и макотрпен живот на Белани во минатото, посебно во периодот под отоманската власт и нивна голема желба да се сочува верата. Не случајно, додека во некои села во кочанско и денес нема црква, во Бели има четири – Св. Петка, Св. Спас, Св. Илија и Св. Огнена Марија.
Затоа, она што најмалку треба да се направи е да се покрене иницијатива од страна на Советниците на Собранието на Општина Кочани Побиен Камен да се стави под заштита на Законот. Наоѓајки се во непосредна близина на новиот пат за Пониква, тој и сега го привлекува вниманието на секој патник. За да се посети и види тој стар неколку вековен културен споменик, потребно е хортикултурно да се уреди неговата непосредна околина, да се подигне видиковец, да се направи паркиралиште на патот за возила и обнови стариот пат до Крстот.
Автор: Проф. д-р Александар Стојмилов