Ја напушти урбаната „џунгла“ во Скопје и се пресели во руралниот дел, во Кисела Јабука – Волково
Љубица Бубе Димовска, ја знаеме од Фејсбук. На својот профил е постојано активна во постирање на разни совети за одгледување и негување на многу видови на цвеќе. Дефектолог во ЈЗУ Здравен дом од Скопје. „Вљубена“ во работата со деца од пред училишна возраст, а „вљубена“ и во цвеќето. Таа е на постојана дневна релација од Кисела Јабука, Волково до Бит Пазар и назад. Ви пречи ли градскиот метеж?
БУБЕ: За среќа, моето работно време не се совпаѓа со главниот сообраќаен шпиц, меѓутоа Скопје стана претесно за сите возила кои поминуваат по неговите улици. Да, ми пречи, посебно во петоците кога почесто стојам во колона, отколку што се движам. Се случува релацијата од работа до дома, во должина од 10 км, да ја возам и по 2 часа, што не е многу забавно.
Абер дојде: Порано живеевте во урбаниот дел од Скопје, сега сте во руралниот. Која е разликата помеѓу овие два начина на живеење?
Бубе: Оваа разлика најживописно можев да ја опишам пред 14 години, кога од централното градско подрачје, се преселив на периферијата. За живеење во урбана средина, потребно е да се поседува развиено чувство за колективно живеење, посебно ако живеете во зграда и просторот го делите со повеќе луѓе. Едноставно се презаситив од големата концентрација на луѓе, возила, гласна музика од локалите, трки од коли по главните улици, урбаната (не)култура. Животот на периферија главно ми донесе мир. Таа е основна разлика помеѓу овие две средини за мене. Во прво време бев изненадена дека само неколку возила минуваат по мојата улица во текот на денот, наутро кога птиците пееја на дрвата мислев дека некој ми свирка под прозор и со страв ѕиркав да видам кој е…градско дете. Но многу брзо се навикнав, во принцип убавите промени брзо и лесно ги прифаќаме. Скопје е мојот град и за мене сепак најубавото место на светот, но сега сама си ја одредувам урбаната доза што сакам да ја примам. Кога возите, се ви е близу, така да кога имам потреба од градот, палам кола и таму сум. Но мирот, спокојот што го имам дома е непроценлив.
Абер дојде: Им дарувате многу љубов на цвеќињата кои ги одгледувате. Ја чувствуваат ли тие?
Бубе: Голем љубител на цвеќе сум, љубовта ја имам наследено од мојот покоен дедо, во чиј двор растеа најволшебните рози. Дедо ми беше вешт во калемење, па на едно стебло имаше по неколку различни бои рози….а мирисот…Исто така и татко ми е голем љубител на цвеќе и природа, па гените едноставно го направиле своето. Да, многу им се посветувам на моите цвеќиња, ги негувам, следам и барам совети како да им создадам идеални услови за растење. Секоја пролет со татко ми имаме по некој проект кој го реализираме во нашиот двор и тоа навистина ме исполнува, а и на цвеќињата им одговара. Знаете, постои мислење дека ако им зборувате на цвеќињата, тие поубаво ќе се развиваат. Но ова не треба да се разбере како клише, еве ќе испиете кафе до кротонот, ќе му кажете дека е убав и тој од благодарност ќе пушти нов лист. Јас со цвеќињата имам конекција која тешко можам со зборови да ја опишам, но резултатот е видлив и тоа ме прави среќна.
Абер дојде: Знаеме дека одгледувате многу видови на цвеќиња во вашиот двор во Кисела Јабука. Знаеме дека и секое цвеќе си има свој начин на негување. Според Вас, кое цвеќе би го издвоиле за „најтерсене“ за зафаќање и одгледување?
Бубе: Во дворот имам цвеќиња за сите сезони, почнувајќи од крокусите во фебруари, до хризантемите во ноември. Кога почнав да го оплеменувам дворот важно ми беше да засадам рози, луковици од пролетни цвеќиња и старински цвеќиња на кои дури ни имињата не им ги знам, ама ги имам сврстано во група “како кај баба на село“. Тие ми беа базата, самите растат секоја пролет, некои продолжуваат преку летото и траат до есента. Најблагодарни за одгледување ми се сукулентите, не бараат посебни услови, само нега и убав аранжман. Со татко ми си направивме алпинеум (камењарник) кој е пополнет со сукуленти, а исто и еден агол од дворот го уредивме со камења и сукуленти. Тие би рекла дека се најлесни за зафаќање. Во рубриката “најтерсене“ првото место му припаѓа на мојот жолт хибискус, кој упорно се трудам да го размножам и подарам на пријателките, но до сега не ми успеало. Годинава сакам за прв пат да се обидам да калемам рози, така да од предострожност и нив би ги ставила во оваа група, а ако ми оди лесно, со задоволство ќе си го повлечам зборот.
Абер дојде: Пишувате и стручни текстови за порталот deca.mk и fakulteti.mk.
Бубе: Скоро две децении работам со најосетливата популација, децата родени со ризик, од раѓање до 6 години, односно до пред да тргнат во училиште. Дел од мојата работа е и советодавна, односно разговарам со родителите како да ги стимулираат нивните деца. Поканата од страна на уредниците на Деца.мк да дадам свој допринос преку пишување текстови од мојата област, ја видов како прилика да допрам до сите родители кои минуваат тешки моменти, а можеби немале прилика да дојдат во контакт со некоја стручна служба и да добијат совети и насоки во врска со развојот на нивните деца. Нашата соработка ми е од посебно значење и ми причинува огромно задоволство.
Абер дојде: Дел сте и од проектот„Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства“. Повеќе за проектот ако сакате да ни објасните?
Бубе: Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори со финансиска поддршка на УНИЦЕФ и Британската амбасада од август 2019 започна со реализација на проектот Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства чија главна цел беше обезбедување услуги во заедницата на деца со попреченост и нивните семејства преку воспоставување на нови форми на услуги – рана интервенција за деца со попреченост од 0 до 6 години и психосоцијална поддршка на нивните родители/старатели.
Како дел од проектните активности, а со поддршка и на Град Скопје кој го обезбеди просторот, во март 2020 година во централното градско подрачје на Скопје, се отвори Центар за рана интервенција и поддршка на семејствата кој е наменет за деца од 0 до 6 години кај кои се забележуваат доцнења во развојот и/или попреченост. На мое големо задоволство, бев поканета и станав дел од овој проект, како стручен консултант, со што уште еднаш добив можност своето знаење да го ставам во служба на најранливата категорија, децата со развојни задоцнувања/отстапувања и нивните семејства.
Абер дојде: Што би им порачале на читателите на Абер дојде?
Бубе: Би сакала да се посвети внимание на развојот на етно туризмот, со што би се сочувале нашите вековни обичаи и традиции, а воедно тоа е и одлична можност за одмор од градскиот метеж.