Селото Мидинци, како и многу други села во Кичево, се празни. Во ова село пред 30 години имало над 120 жители, училиште, а низ улиците можело да се слушне детски џагор. Мештаните се занимавале со земјоделство и сточарство.
Како што велат заработувале и живееле среќно. Но, денеска глетката е поинаква. Селото брои само 25 жители, главно пензионери, кои велат дека нема да го напуштат селото сѐ до последниот ден од животот.
Некогаш тука живееле над 120 луѓе, но во моментов таа бројка е само 25 од кои претежно пензионери.
„Старите изумираат, младите се селат во градовити и во странство. Селото пропаѓа полека. Но оној кој сака, кој работи, може да се живее, кој бара поубаво, ќе си пронајде“, вели една бабичка од селото пред камерите на ТВ21 и продолжува: „Ни знаевме работа и стока, за пари не знаевме, ние немавме, но сега сè се врти околу нив. Тогаш да ископаш, да изореш, да посееш. Сега незнаат што се сеело, не познаваат семиња, не знаат што значи. Сега дури не знаат што е стока, што е овца, коза.
Селото Мидинци е сместено меѓу Колари и Зајас, каде претежно живеат Албанци но жителите велат дека имале добар соживот со соседите Албанци, оделе едни кај други за празници и свадби.
„Не сме имале проблеми, сме оделе таму на ниви, па жените не пречекуваа со кафе, сме се разбирале најубаво“, вели оваа старица.
Веќе 30 години ова село нема училиште. Над 50% од жителите се преселиле во градот, а некои пак, заминале во Скопје и Тетово.
Надеж за заживување на селото е Горан Петрески, кој во долниот дел од селото самоиницијативно одгледува фарма со кокошки. Вели дека се труди да ја спроведе на дело неговата идеја, но се надева дека државата ќе му помогне да ја прошири и да ја претвори во вистинска фарма.
„Ова ми е како едно хоби, се надевам во иднина ова да го зголемам. Гледам има некој европски фондови, па јас би сакал да имам 1000, 2000 кокошки, да вработам уште еден, двајца луѓе. Но ќе видиме, во моментов ова со 120 кокошки ми е хоби“, вели Горан за ТВ21.
Горан додава дека ако го оствари неговиот сон ќе остане да живее во селото заедно со неговото семејство и дека ќе вложи напори да го развие местото и неговиот бизнис.