Сликар, просветен работник, љубител на природата, планинар, уметничка душа која животот го поминува на село. Ова е во кратки црти описот на нашиот денешен соговорник сликар Панче Горгиев.
Абер дојде: Како е да се живее на село?
Панче Георгиев: Живеењето на село за мене претставува придобивка, заради многуте природни вредности кои ги има животот на село. Од друга страна живеењето на село е презивик. Убаво ми е на село затоа што се вклопувам во целиот амбиент – природата, традиционалните куќи, животните, птиците, звуците кои ги има на село, убавите утра исткаени од разни бои. Сето тоа ме мотивира, инспирира и ми ја полни душата. Евидентно е и враќањето на луѓето на природата, селата, а се практикува и стариот начин на живот.
Абер дојде: Голем дел од Вашите дела се со селски мотив? Инспирацијата ја црпите од селото?
Панче Георгиев: Да, на добар дел од моите дела се гледаат мотиви од самото село, инспирирани од нашите стари македонски куќи, кои имаат живот, топлина во нив. При творењето употребувам природни материјали , како камен, печена тула, дрво, ќерамида. Исто така инспирација ми дава и секој дел од природата, полето, нивите, реките, луѓето кои работат на нив, чистотата и синилото на небото, летото и игрите на птиците, нивните песни.
Абер дојде: Освен мотиви од селото, веруваме имате сликарски дела и со други мотиви?
Панче Георгиев: Се разбира. Во моето сликарство се застапени и други мотиви кои произлегуваат или се наметнуваат од моите лични доживувања, времето во кое живееме, моментите кои на мене оставиле силен впечаток, емоција, страст, импресија. Сликарот, уметникот овие чувства ги доживува поинаку и ги забележува на различен начин појавите во природата или настаните.
Абер дојде: Вашето атеље е во село Муртино?
Панче Георгиев: Моето атеље или просторот каде ги создавам моите сликарски дела се наоѓа во селото Муртино. тоа е простор каде сликарот се чувствува најдобро, најсигурно. Тука се раѓаат различни идеи за сликарските дела. Во атељето ми се буди уметничкиот дух.
Абер дојде: Која техника на цртање ја користите?
Панче Георгиев: Користам повеќе техники, но најмногу акрил на платно, картон како основа. Во изборот на техниката ми влијае моменталната инспирација и материјалите кои ми се при рака. При создавање на една слика уметникот има силно чувство, силна енергија . Таа енергија која ја носи уметникот мора некаде да се реализира, бидејќи е тешко тоа чувство да се носи со себе.
Абер дојде: Каде нашите читатели можат да ги видат Вашите дела?
Панче Георгиев: Моите сликарски дела можат Вашите читатели да ги видат на мојот ФБ профил, како и на мојата ФБ страна, во самото атеље и на веб страната на галеријата Saatchi Art во Лос Анџелес.
Абер дојде: Веруваме дека за Вашите прекрасни дела стасале и до изложби. Каде сè Вашите творби биле изложени?
Панче Георгиев: Па имам реализирано повеќе самостојни изложби во Македонија. Ќе набројам само неколку:
1992 – Скопје – Дом на млади „25 мај“
1992 – Скопско лето
1993 – Сандански, Благоевград – Бугарија
1995 – Меѓународна ликовна колонија – Осојница
1997 – Струмица – Дом на културата „Благој Јанков Мучето“
1997 – Скопје – Изложбен салон во Културно информативен центар
1999 – Опава – Чешка
2000 – Струмица – Работнички универитет „Јоска Свештарот“
2001 – Струмица – Завод и музеј на град Струмица
2006 – Ново Село – Дом на културата „Јане Сандански“
2007 – Делчево – Центар за култура „Никола Ј. Вапцаров“
2007 – Берово – Дом на културата
како и многу групни изложби во Македонија и надвор од неа.
Абер дојде: Ваши добиени награди?
Панче Георгиев: Ги има доста. Но највредна награда ми е претставува задоволството на мојата публика при реализирањето на некое ново мое дело.
Абер дојде: Идни Ваши планови?
Панче Георгиев: Планови секогаш има доста. Но во вакви услови на пандемија е многу тешко. Но сепак, ако условите дозволат планирам да реализирам самостојна изложба во Скопје и неколку изложби во селски средини, како луѓето од овие населени места би имале шанса да се запознаат со мојот творечки опус.