Кога пред некој ден прочитав во дневните весници дека околу 250 болдери само со помош на прстите ќе се качуваат на карпите во околината на манастирот Трескавец, прво што си помислив беше „и ние карпи за “Eurosport” и за „Discovery channel“ имаме. Не сум упатена многу во овој спорт, не знаев, дека овие момчиња ги викале болдери, ниту дека ќе се случи болдеринг маратонот „Крале Марко“. Но знам дека болдерите со себе ќе ги понесат спомените за прекрасната околина, за предизвикот што им го нудат сиво-зелените карпи, за манастирите, за кулите…
Јас сум голем љубител на природата, сакам да ги набљудувам природните форми, создадени од вечната борба на ветерот, сонцето, водата, сакам да правам фотографии што можат сето тоа да го доловат.
И, додека размислувавме како да поминеме еден интересен ден од викендот, (да е „жив и здрав“ интернетот, ѕирни ваму, ѕирни таму…) падна одлука да се види и прилепско. А, ако не знаете каде е најубавата природа, тогаш само потрудете се да ги побарате манастирите во околината. Тие ќе ве доведат до најубавите, најпродуховените, простори, кои ќе ве смират, ќе ви ги „наполнат батериите“ толку потребни за соочување со стресниот градски живот.
Новиот, кривудав, асфалтиран пат нè доведе до место за кое вие на прв поглед ќе помислите дека се наоѓате пред портите на некој манастир на Тибет. Тоа е манастирот Трескавец, прекрасно здание вгнездено под карпите на „Златоврв“, со поглед кој никогаш не се заборава. Датира од 13 век, изграден на остатоци на црква од 7 век. На секој чекор се забележуваат траги од духовниот живот на луѓето од овие краишта. Црквата, заштитена со камени објекти – конаци, кои за жал изгореа во пожар пред извесен период, си стои спокојно во тој простор со векови.
Искрено ми е жал што не дојдов порано, пред пожарот, да ги видам тие објекти во полна убавина, но и вака соголените ѕидови сведочат за цврстината и непокорот на ова место. Слеани со околината, како да изникнале од сиво-зелените карпи, пркосејќи и дури и на страшната огнена стихија од пред неколку години.
Над манастирскиот комплекс се наѕира „Златоврв“. Природата навистина си поиграла со ова возвишение. Се чини како Господ да ѕидал град од сиво-зелен камен, а ветрот се трудел да му го растури. Заедно направиле прекрасни форми кои го чуваат градот Прилеп.
Болдери, ви посакувам да ги освоите карпите, но дозволете и на природата да ги освои вашите чувства. Тогаш секако ќе бидете на врвот. И таму нема да бидете осамени. Еве еден мал пријател, кој ќе ви прави друштво и ќе ви држи среќа.
Потоа се упативме кон Прилеп за да го посетиме и манастирот „Св. Архангел Михаил“. Потекнува од 10 век. Меѓу 11 и 13 век бил повеќе пати граден и разурнуван. Овој манастир се наоѓа под „Марковите кули“, лесно достапен, со прекрасен поглед на Прилеп.
Интересно беше што додека се движевме низ Варош кон манастирот забележав ѕидови, остатоци од повеќе средновековни цркви. Калуѓерките од Манастирот нè информираа дека во минатото во околината имало 77 цркви, дека остатоци се наоѓаат насекаде во дворовите низ Варош. Каков религиозен центар било ова место во Средниот Век…
И на крај одлучивме да ги видиме и „Марковите кули“. Од манастирот до нив води означена патека, можеби половина час качување.
После сите убавини што ги видовме покрај манастирите, моите очекувања не беа преголеми. Но кога се искачивме, на воодушевувањето му немаше крај. Таму дебелите средновековни ѕидини се вијугаа низ стрмните карпи, исчезнуваа, па се појавуваа на најнеочекувани места. Заобиколуваа еден огромен простор на град кој воопшто не бил мал. Тоа што останало изгледа грандиозно, но за жал, не останало многу.
Голем „зорт“ имал Крале Марко на овој рид да го изгради градов. Стратешко место кое му овозможувало добра одбрана, прегледност на цела околина… Се прашувам, каде ли само вода наоѓале?
Велат, една фотографија вреди колку илјада зборови. Наредив десетина, а сепак имам чувство дека толку малку покажав. Колку и да ви е убаво кога ги гледате тие не можат да ви доловат сè. Изберете пријатен ден, отидете на овие места, видете ги, нема да се покаете.
Билјана Иванова
balkon3.com