На Бислимската клисура по втор пат викендов(26.03.2022) се одржа Фестивалот за слободно качување на карпи, на кој учествува спортисти од Македонија, Србија и Грција, информираа денес одговорните за организацијата на овој настан.
– Ќе биде интересно, два дена се качува на карпа. Бислимска клисура е на многу добра локација, со автомобил стигнувате на пет минути од карпите, што е важно, пристапот е добар, карпата е компактна не е ронлива, и е убав локалитет за спортско качување, можеби еден од поатрактивните во Македонија. Самиот поглед, самата клисура е убава, прекрасна, изјави спортскиот качувач, водич, Стојан Хаџи Ефтимов.
Качувањето со јаже започна во 8 часот. Бислисмка клисура е добро место за организирање екстремни спортови и организаторите велат дека е важно да се одржува и да не се загадува тоа што го нуди природата. За развој на спортското качување, Хаџи Ефтимов повика да се вложи и во образованието, да се вложи во спортски сали каде ќе се практикува искачувањето кое веќе е олимписки спорт.
Бислимската клисура, иако мала по должина од само седум километри стана вистинска атракција за домашни и странски гости. Сместена е на околу пет километри од Куманово од вливот на Кумановска река до селото Пчиња.
На овој простор егзистираат преку 1.100 растителни видови на виши растенија, големо богатство на нижи растенија. Мистичното место за кое се врзуваат бројни легенди стана викенд хит дестинација за младите и рекреативците за време на пандемијата, а сега е често посетувана од домашни и странски гости и особено од љубителите на адреналински спортови.
Организаторите изразуваат благодарност до Стојан Хаџи Ефтимов, Outdoor adventure, Здружението Гласот на селото, месната заедница во село Пчиња, како и на сите посетители без разлика од која земја или регион доаѓаат.