Во минатото манастирскиот комплекс Чебрен бил еден од најбогатите и најпознатите во Мариово и пошироко. Неговата поволна стратешка позиција и фактот што во Мариово за време на турското владеење немало исламизација на населението, го направиле еден од најбогатите во Македонија.
Ова може да се забележи и преку темелите на стариот храм Св. Димитриј (XV век), кој во тој период бил со импресивни димензии, а од него останал само олтарниот дел, кој денес е вграден во новиот објект.
Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу стока, ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта.
Според пишаните документи манастирот во XIX век имал и свое ќелијно училиште на старословенски јазик. Во ова училиште се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села.
Во склоп на манастирот се наоѓа и храмот Св. Спас, кој е со помали димензии и е познат по вредниот фрескоживопис кој датира од XVI век.
Манастирот Чебрен е лоциран по течението на Црна Река на 5,5 км од село Зовиќ. Пред селото се скршнува лево и се вози приближно 1 ч по пат наменет исклучиво за теренски возила.
Исто така до манастирот води и необележана пешачка патека од село Зовиќ во траење од час и половина, која воедно е и облична можност за уживање во живописните предели на овој дел од Мариово.
Манастирот го слави празникот Ѓурѓовден (5 и 6 мај).
off-road.mk