Локални продукти претставуваат прехранбени производи кои потекнуваат и се одгледуваат во географски регион кој е локален во однос на вашето место на живеење. Тоа може да значи дека оваа храна се одгледува во вашата држава, град, маало или лична градина. Купувањето, користењето и хранењето со локални производи има многу големо значење врз животната средина, социјалната и економската состојба како и културата и историјата.
Локалните производи често содржат помалку пестициди, бидејќи се одгледуваат на помали површини со што произведувачот може полесно да ги контролира штетниците. Хранењето со локална храна го подобрува и здравјето и модерната медицина упатува на тоа да се храниме со доминантно локална храна која е сезонска и на која сме еволутивно приспособени. Многу често низ светот сортите и видовите на локалните производи се во поголем број во однос на оние кои се увезуваат, па затоа хранењето локално наметнува разновидна храна што е секогаш препорачано. Производите кои се одгледуваат локално ја намалуваат опасноста од труења и паразити зошто нивниот транспорт е краток, а тие не се третираат хемиски за да останат свежи.
Користењето на локални производи го промовира формирањето и одржувањето на малите фарми кои директно влијаат врз биодиверзитетот и не ја уништуваат почвата како интензивното фармерство. За превозот на локалната храна се троши помалку гориво, а со тоа и се намалува загадувањето на воздухот.
Постојаната употреба на локална храна ја поддржува заедница и традиционалниот начин на живот, а со тоа и се грижи да ги зачува ретките автохтони сорти и видови.
bregalnica-ncp.mk
aberdojde.mk