Абер дојде: Г -ѓа Фиданка Смилкова, Државен санитарен и здравствен инспектор, љубител на животните, човек кој ја негува нашата традиција, екологист, борец за развој на селото. Под брендот Fifi Wow ги создавате убаво изработените рачно плетени чанти. Ја враќате вредноста на плетените изработки креирани на модерен начин?
Фиданка: Македонската жена е надалеку позната по својата креативност, трудољубивост, посветеност посебно на нашата традиција. Од секогаш нашите мајки, баби, прабаби го спремале чеизот на идната невеста особено со многу убави плетени, везени и ткаени рачни изработки кои секогаш се изложуваат на посебен начин на денот кој кај нас во Струмица се вика руба кревање. Овој адет се уште се почитува во нашите средини, иако поретко и секогаш е еден прекрасен уникатен чин. Но, затоа плетењето што го практикувам со години, да не кажам уште кога проодев, ме инспирира сега на друг начин да ја изразам мојата креативност, со создавање на уникатни рачни чанти за денешната модерна жена.
Абер дојде: Од кого ја научивте оваа вештина на плетење?
Фиданка: Се разбира, од мојата баба, мајка на татко ми и тоа на една игла, т.н. чингалак, која најде многу убав начин да ни го исполни времето уште кога бевме мали, кога не чуваше, се со цел да бидеме мирни и затоа што и самата таа и моите тетки сите ја познаваа оваа вештина. И мојата друга баба, која живееше во Гевгелија плетеше, и кога одев на гости кај нив, си го носев и плеталото, заедно да плетеме. Во мојот чеиз имаше многу убави рачно плетени изработки и се уште си ги чувам и им се радувам.
Абер дојде: Раскажете ни повеќе за процесот на креирање на една вака совршена изработка на чанта. Типот на плетката? Кои материјали го користите? Од каде ги набавувате?
Фиданка: Цел живот плетев со тенок конец, миленца, тишлајфери, пернички, чаршафи за маса, имам сплетено и блузи и фустани. Пред две – три години загледав на интернет плетени ташни и тоа со една игла, а бидејќи тоа ми беше сосем јасно и познато се роди желбата и идеја да почнам на друг начин да ја искажам мојата креативност, создавање на ташни кои не се серија, туку уникатни, дамски и многу симпатични. Едноставно многу ме исполнува плетењето и убаво е чувството кога своите блиски ќе ги израдуваш со некоја уникатна чантичка. Материјалот е памучен, поточно памучни чаршави, јас ги сечам на ленти од 1 цм и правам клоба, бидејќи кај нас такви клоба не се продаваат и морам сама да ги правам тоа ми одзема малку повеќе време отколку самото плетење. Вакви материјали најчесто наоѓам во конфекции, а некогаш добивам и некој на подарок од пријателки, а еднаш добив и готови клоба, од странство. Инаку, како материјал може да се користи конец за плетење миле, или волна, макара, а уште поубави излегуваат од свилен конец, свечени. Се Сеќавам еднаш како млада девојка направив плетени ракавици од обичен црн конец за шиење, изгледаа преубаво.
Абер дојде: Две исти изработки не креирате?
Фиданка: Не, во тоа е суштината, да биде уникатна, секоја жена обожава да носи убави работи кои нема да ги сретне на улица, во маркет или во ресторан кај некоја друга жена. Можеби ќе се случи да бидат слични, но никогаш исти.
Абер дојде: Сепак, за да изгледа толку убаво сигурно црпите силна инспирација од некаде?
Фиданка: Инспирацијата си доаѓа сама, кога ќе ја фатам иглата, клопчето и почнувам, едноставно како да преточуваш емоции, на пр.некој на хартија, некој во ноти, некој слика со четкичка, а јас едноставно плетам. Тоа е мојот природен лек, антидепресив број еден.
Абер дојде: Фиданка носи уметничка душа?
Фиданка: Па, можеби, ете,уживам во убавите работи, да читам убава книга, читањето ми е ден денес најомилено хоби и најголемо уживање во слободно време, да слушам убава музика, да гледам убави уметнички слики, пејсажи и на крај, ете да правам убави чанти за прекрасни жени.
Абер дојде: Има ли интерес кај денешната жена за овој вид на креации?
Фиданка: Да, секако, многу жени уживаат во рачните изработки и се радуваат кога ке слушнат дека знам да плетам и дека можам да им исполнам некоја желба, да им сплетам чанта, шал, блуза или фустан.
Абер дојде: Вашите изработки претпоставуваме дека ги имате и постирано и на социјалните мрежи, со цел запознавање на јавноста со Вашиот труд? Како нашите читатели да Ве контактират за повеќе информации?
Фиданка: Да, моите деца, имам два сина, оженети и имам по едно внуче од нив, мојата сила, мојата радост, ми ја дадоа идеата да отворам страница на интернет, како би можеле поголем број на љубители на плетените изработки да ги видат, а и како би можеле да си порачаат. Така се создаде брендот FIFI WOW. Огромна е подршката од моите деца, исто и од моите најблиски пријателки, другарки. Секогаш сакам да ги прашам најпрво нив дали е добро, како изгледа, дали им се допаѓа.
Абер дојде: Планирате поинтензивно бавење со оваа благородна вештина? Или пак проширување на асортиманот на производи од плетење кои ќе бидат достапни на современата жена?
Фиданка: За сега плетењето и создавањето на овие прекрасни креации ми е хоби, знаете дека јас работам во јавен сектор, како Државен санитарен и здравствен инспектор и не останува многу слободно време, посебна оваа последната година, која целата си ја поминавме во работа. Но, секогаш се наоѓа време за некоја нова изработка, времето ми е секогаш максимално и најкреативно искористено: изработка на некоја ташна или некоја блуза, фустан, ќебенце за некое слатко бебенце, некоја украсна табуретка, сега што се во мода. Буквално се може да се сплете со еден чингалак, дури и покривка за автомобилот. Идеите се многубројни.
Абер дојде: Вие сте и голем љубител на животните. Имате и две мачиња, Ваши другарчиња. Го замрсуваат ли конецот со кој ги плетете Вашите креации?
Фиданка: Хахаха, да, тие се мојот втор природен антидепресив, исто како и плетењето. Сега ги имам Марко и Мила. Мината година, крајот на октомври ми почина Принц, персиско преубаво бело и мило маче кое ми беше другар 12 години. Многу плачев и не можам никогаш да го заборавам, почина од старост, имаше 14 години. Мила ја најдов пред 3 месеци и си ја вдомив. А Марко еден мој комшија го најде пред повеке од 7 години, го земав да го помилувам и оттогаш остана неразделен со мене. Уште од мала ги обожавам животните, и мачиња, и кучињата, секогаш се трудам да спасам некое, кога можам,да му најдам домче. Децата во моето маало го знаат тоа и тие заедно со мене им помагаат на бездомните животни кои ќе ги сретнат во околината. Животните имаат толку чиста душа, толку мил поглед, толку умеат да искажат љубов и благодарност. Можеби за некого тоа звучи смешно или чудно, но јас се радувам што во Струмица се поголем е бројот на луѓето кои ги сакаат и им помагаат на бездомните животни. Секогаш велам, вдоми, не купувај. И бездомните животни знаат да сакаат и да бидат благодарни. Таа љубов ме крепи, ме исполнува и ме лечи од секоја болест. Иако понекогаш знаат да ми ги разиграат клобата, тие ми се мојот лек, најприроден антидепресив.
aberdojde.mk