Социјалната мрежа – ruralmarket.net ја креираше Здружението за рурален развој ЛАГ Беласица Огражден Босилово со цел да прерасне во место каде ќе се спојат понудата од земјоделските производите и побарувачката на потрошувачите.
За идејата, амбициите и развојот на оваа амбициозна платформа разговаравме со претседателот на оваа локална акциона група, Сашко Поповски.
Подготви – Сања Наумовска
„Rural Market е првата македонска социјална мрежа која е изработена по сите светски стандарди која треба да ги има една социјална мрежа од ваков тип. Креирана е да им помогне во пласманот на производите и услугите не само на земјоделските производители, туку и на сите оние кои работат на развој на руралните средини. Тука би ги спомнал туристичките агенции, кои преку оваа мрежа можат да понудат туристички аранжмани, како и луѓето кои прават рачни изработки, сувенири, накит, облека, додатоци и слично. Важно е да споменам дека преку оваа мрежа можат да се понудат и социјални, здравствени и културни услуги, што би придонело за подобар живот на луѓето кои живеат и работат во руралните средини.
Идејата за ваквата мрежа е од поодамна. Јас сум човек кој живее во рурално место и постојано го гледам проблемот за пласман на производите и услугите кои доаѓаат од село. Во исто време можев да ја видам и потребата на луѓето од урбаните средини за ваквиот тип на производи па отука дојде идејата тие да се спојат со помош на новите технологии.
Во суштина оваа мрежа е „онлајн пазарче“, каде луѓето освен што ќе ги понудат на продажба своите производи, можат да контактираат и комуницираат меѓусебе.
Кој може да биде член на мрежата?
Пристапот до оваа социјална мрежа е бесплатно достапна за секој кој сака да ја користи, без разлика дали продава, купува или само се информира. Администраторите нема да дозволат објави и постови кои не се однесуваат на активности поврзани со руралниот развој и понуда на стоки и услуги кои ќе придонесат за ревитализација на селото. Значи, единствен критериум на Rural Market е сите корисници можат да споделуваат и објавуваат објави единствено во рамките на категориите кои веќе се дефинирани внатре во мрежата.
Што се` може во моментов да се купи преку руралната мрежа?
Во моментов има широка понуда на свежи и преработени зеленчукови и овошни плодови, мед и производи од мед, преработки од грозје, органски козметички производи, разни рачни изработки, билки, јаткасти производи, млечни производи, садници и семенски материјал, земјоделска механизација и опрема. Tреба да се поттикнат институциите и организациите кои работат во културата, социјалата и здравството да ги понудат своите услуги што би придонело за поширок спектар на активности.
Колку се задоволни продавачите и купувачите на Rural Market?
Од досегашното тригодишно искуство можам да констатирам дека сме задоволни како оваа социјална мрежа ја исполнува својата цел. Многу од понудувачите го најдоа својот пазар, а доста од корисниците се снабдиле со производот или услугата која им била потребна. Пофалбите и поддршката ни значат доста, затоа што преку нив знаеме дали сме ја постигнале својата цел, а од друга страна пак забелешките ни помагаат да осознаеме во кој дел треба да го надградиме системот.
Во моментов на мрежата има македонска и англиска верзија. Дали планирате да ја надградите и на други јазици?
Во моментот на корисниците им е достапна верзија на македонски и англиски јазик, но од старт ја замисливме да биде балканска мрежа. Корисниците од овие земји доста добро го познаваат квалитетот на нашите производи, но, исто така и нашиот граѓанин добро е запознаен со разновидноста и квалитетот на нивните производи. Во секој случај, за почеток ќе биде ограничена на производители и корисниците од една држава заради царинските и граничните правила и прописи.
Колку посетители, односно регистрирани потрошувачи имате?
Во моментот имаме околу 3 000 Rural Market профили, а за овие три месеци реализиравме над 30.000 посети.
Какви се вашите идни планови?
Како организација која работи на развој на руралните средини, во моментот нашите планови првенствено се насочени кон промоција на оваа социјална мрежа, затоа што мислиме дека може доста да помогне во развојот и ревитализација на селото. Плановите ни се да водиме агресивна медиумска кампања со цел што повеќе корисници да се запознаат со истата. Еве, ја користам приликата да се заблагодарам на вашиот порталот Иновативност. мк за покажаната заинтересираност за промоција на оваа мрежа, но, во исто време и да ги повикам на поддршка и останатите организациите и поединците кои работат на развој на руралните средини.
Кажете ни нешто повеќе за вашата организација?
Здружението за рурален развој Локална акциона група Беласица Огражден е релативно млада организација, креирана заради соработката која ја имаа општинските администрации од општина Босилово, Василево, Ново Село и општина Струмица, Центарот за развој на југоисточниот плански регион, неколку граѓански организации, бизнис компании и поединци.
Сакам да спомнам дека оваа организација е создадена за искористување на средства од ИПАРД компонентата преку ЛЕАДЕР пристапот. Ова е нов пристап кој допрва треба да заживее во Македонија. Целта е средствата кои ќе се пласираат во Македонија од страна на Европската Унија, правилно да се употребат, односно со мали грантови да им се помогне на граѓаните од руралните средини.
За оваа цел во периодот од март до април 2020 се работеше на новта стратегија за рурален разво за периодот 2021 – 20125, која е целосно усогласена со Националната стратегија, а која ќе се имплементира на територијата на овие четири општини.