Сојузот на граѓански здруженија „Мрежа за рурален развој на Република Македонија“ – „МРР на РМ“, е основано во март 2010 година во Скопје, како движење организирано на национално ниво, со цел да им се даде глас на руралните заедници во Република Македонија.
Целта на МРР на РМ е да се демонстрира структуриран пристап кон мобилизација на руралните заедници, за тие да станат посилни застапници на локалниот развој и да учествуваат во руралната политика на локално, регионално, национално и ниво на ЕУ. Ова опфаќа воспоставување ефикасна соработка и взаемна помош помеѓу поединци и организации во руралните области, со цел обезбедување ефикасно претставување на потребите, гласот и интересите на руралното население, како и обезбедување проток на информации помеѓу владините и невладините тела на сите нивоа.
Воспоставувањето на ваква рурална мрежа во Македонија е јасна и конструктивна идеја, заснована на цврста основа од луѓе и знаење, која што се создаде преку спроведување активности налик на LEADER.
Подготовката за спроведување на оваа идеја беше заснована на три важни процеси:
1. Професионална, внатрешна подготовка за воспоставување стабилни темели на мрежата.
2. Интензивно надворешно усогласување со цел да се гарантира учество и разбирање од страна на потенцијалните членови, како и дискусија со клучните учесници за изградба на потребните партнерства и поддршка на идната соработка со нив.
3. Подготовка и дискусија за планот за финансии, управување и наоѓање финансиски извори.
Мрежата за рурален развој на Македонија во нејзиното 11 годишно постоење, прерасна во чадор организација на преку 70 граѓански организации кои работат на тема екологија и рурален развој. Таа има остварено безброј активности со цел ревитализација селото и развој на руралните подрачја. За оваа прилика ќе издвоиме „само“ четири крупни имплементирани проекти, како и три кои во моментот се имплементираат од страна на проектниот тим на МРР.
За повеќе информации околу работењето на оваа организација ветуваме дека ќе оствариме лични контак со првите луѓе, за обезбедување на интервју преку кое повеќе ќе се запознаеме со работењето на овој тим, како и можностите кои ги организираат за развој на овие подрачја.
ПРОЕКТИ КОИ СЕ ИМПЛЕМЕНТИРАНИ:
• Адаптација на земјоделството кон климатските промени
• ALTER – Активни локални територии за економски развој на руралните области
• Национален рурален парламент како глас на руралното население
• Младите од руралните средини за интеграција на Македонија во ЕУ
ПРОЕКТИ ВО ФАЗА НА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА:
• Вмрежување и застапување за зелена економија
• Балканска мрежа за рурален развој
• Институционална поддршка на МРР на РМ и нејзините членови
Бидејќи овие проекти имаат силно влијание на развојот на селото и руралните подрачја, а со цел да ја запознаеме јавноста со нив, во наредниот период секој од нив подетално ќе го образложиме.
Извор: ruralnet.mk
Пишува Сашко Поповски