Јануари ќе го заокружиме со една силна приказна за Борче и Симона кои своите студии ги завршуваат во Скопје, но желбата да се инвестира во село, кој можеби и во иднина ќе се развива во еко туристичка дестинација била многу голема.
Сигурно многумина од вас немаат слушнато за селото Стар Истевник. Ова селце се наоѓа на дваесетина километри од Делчево, во прекрасната област Пијанец која изобилува со природа. Тивко и мирно селце, кое започнало да привлекува многу млади, со доаѓањето на Борче и Симона овде.
Двајцата се млад брачен пар, кој во годините наназад се одлучиле да инвестираат во нешто необично и несекојдневно. Тоа е стара семејна куќа која е изградена исклучиво од природни материјали.
Селото е сместено помеѓу планините Влаина и Средна. Како и најголемиот дел од селата во државата, и Стар Истевник се соочува со наглата миграција кон градовите.
Нивната куќа е изградена со природни и локални материјали како земја, песок, дрво, вар и слама, а истите сега ги користат и за нејзината реставрација.
Во рестраврацијата на домот, во последните години земале учество доброволци од разни европски земји како Шпанија, Италија, Франција, Полска, Словенија и од Аргентина, чиј интерес е еко градбата и одржливиот начин на живот (sustainablelifestyle).
Приказната не би била комплетна, доколку дворот на куќата не биде насаден со многубројни локални еколошки плодови, кои растат на ова поднебје. Еколошката градба само се надополнува со домашното одгледување на храна без третирање со пестициди.
Борче и Симона велат дека она што најмногу ги привлекува кон селото е огромниот избор на активности во природа. Потенцијалот што го нуди природата и слободата се шанса за нова авантура секој ден. По две години, тие велат дека се навистина горди на она што го постигнале.
Нивната цел е да ја задржат традицијата и да го раскажат знаењето кое го има локалното население во Пијанечкиот регион. Селата овде за нив се вистинскиот потенцијал за развивање на еко туризмот.
Чистата планинска вода за пиење и чистиот воздух се најважните приоритети. Нивната визија е создавање на центар за одржливи практики кој ќе го носи називот „Природна перспектива“. Работата на центарот ќе биде насочена кон развивање на идеи и практики за одржливо живеење, практики за благосостојба на телото, умот и духот, еколошко производство на храна и рурален туризам.
Селото Стар Истевник е ридско, на надморска височина од 750 метри. Одлично место за уживање во летните но и во зимските денови. Борче и Симона се луѓе кои очекуваат туристи од сите краишта. Се надеваат дека интересот кај туристите да го проучат начинот на изградба на оваа куќа или активно да се вклучат во едукативни работилници за еко градба, да дегустираат локална храна која изобилува со вкус и да научат повеќе за градинарење.
Иновативноста на ова место е тоа што ќе обединува разни начини на размена како волонтирање, организирање на едукативни работилници, туристичка понуда за искусување на селската средина преку учество во секојдневните активности кои се спој од традицијата и современото.
kajak.mk