Во десетте виноцентрични правила стои дека виното најконфорно се чувствува во дрвена бочва. Секако дека постои исклучок, нo сепак првата асоцијација на вино ни дава ментална претстава на буре или бочва полна со вино. Овие ментални слики се колективна меморија на нашата, па и светската винарска традиција, поточно дел од една долга носталгична врска. И така тоа оди со земската дружба, иако постојат предизвици, вредностите се трајни. Денес вино се чува и во хромирани и во пластични садови, но дрвото е она вистинското.
Приказната се појавила уште во Месопотамија, кога од Арменија за Бабилон се транспортирало вино во буриња направени од палмино дрво. Феникиските трговци виното го носеле во кожени мевови. Во 3 и 2 век п.н.е. Келтите кои правеле дрвени буриња за различна употреба ги навлекле и металните обрачи. Техниката на изработка ја пренеле јужно, во регионот на Bordeaux и Bourgogne денешна Франција каде изобилувале дабовите шуми. Бидејќи истата е многу слична со техниката за градење на дрвени пловила лесно се пренесувала секаде каде што стигнувале бродови. Интересно е што старата грчка цивилизација од Крит, Кипар и Микена, како и народите од античкиот круг, виното го чувале во земјени садови кадуси и амфори. И Римјаните користеле садови од теракота за чување вино, запечатено со восок, во специјални простории во кој постојано се чадело со цел виното да не дојде во допир со кислородот.
Како што гледаме различни култури користеле различни природни материјали за чување на виното, но сепак дрвеното буре се покажало како вистински вински компањон. Римјаните дури во I век од н.е. ја сфатиле необичната посветеност на Галите кон виното и во еден воен извештај стои дека …„Галските друиди прават исклучително необичен напиток од кој воините добиваат храброст“… и дека…„извонредниот мирис од дабово буре и виното во него има магична моќ“. Овие напитоци кои се состоеле од галско вино чувано во дрвена дабова бочва ималe посебна арома и исклучиво биле ценети во тогашен Рим, особено вариететите „Allobroges“ од течението на реката Rhone и „Biturica“ од Bordeaux. Се разликувале од вината на стариот свет кои биле нестабилни и диви.
Од тогаш веќе 2000 години до денес дабовата бочва и виното прават магичен нектар кој во винарството е познат под името „barique“. Се смета дека „магијата на старите галски друиди“ е во танините, лигнинот и етеричните смоли на дабовото дрво од една страна и потребата за тивка, оскудна оксигенација на виното од друга страна. Се препорачува дрвените дабови бочви да се користат за чување и зреење на виното, зошто во тој процес виното фино ферментира со помош на полиетиленски смоли од дабовото дрво наречени HDPE. Од друга страна порозноста на дабовата структура му овозможува на виното да „дише“ и да ја апсорбира „атмосферата“ во себе. Овој „open–tops“ процес е овозможен благодарение на елиптичната и овалната форма на дрвениот сад. Во тој контекс се смета дека буре со волумен од 225 литри има идеална допирна површина за виното. Времето на чување е вариабилно во зависност од условите и сортата.
Виното чувано во дабово буре добива силен карактер, ги појачува своите квалитети, особено бојата, ги омекнува сопствените танини и ја губи оштрината, добива неодолив мирис на ванила и мек, пријатен вкус на зрело овошје. Доколку бочвата е нова, а виното црно, ќе добие дискретен мирис на чад и вкус на крамел. А, белото добива густина. Тоа значи дека виното ги впило соковите на дабот во сопствената структура и на конзументот му ја пренесува силата од животот на дрвото.
„Ако се фаќаш, фати се за даб“ вели една наша стара поговорка, но не секој даб е погоден за правење на дрвена бочва. Постојат повеќе сорти на даб, но за бочва се препорачуваат, освен францускиот и американскиот, славонскиот и иберискиот даб. Според Методија Јанкулоски од Прилеп, ентузијаст и фиљан мајстор за правење на дрвени бочви и буриња и Македонија има свој фаворит. Мајсторот смета дека најдобар е Белиот даб или во народот познат како Благун или Сладун. Тоа е она дрво што шири пријатен мирис од печките во зимските вечери. Ваков племенит даб е со многу благопријатен мирис и фина конфигурација на корпусот. Избраното дрво рачно се обработува, штиците се сушат долго по природен пат 1 до 2 години, за внимателно да се виткаат и собираат со помош на загревање и обрачи. Така се учи да „дише“, што е посебно важно за појавата на алдехидите и ароматите во виното. Додуша како што вели овој мајстор бочви се прават и од багремово дрво, но тоа дава понеутрален вкус на виното, бидејќи багремот има друг етеричен состав.
aberdojde.mk