Иако само на половина час од градот Скопје и без оглед на бројните природни и културни атракции што ги има, планината Скопска Црна Гора е сеуште слабо посетена. Можеби тоа е и заради недоволната запознаеност на пошироката јавност со споменатите вредности. Во таа смисла, особено внимание заслужуваат водопадите на Тршченски Поток, на околу 500 m источно од Бродец, на 950-1100 m надморска височина.
Станува збор за десетина водопади со височина од 2,5 – 5 метри, наредени скалесто еден под друг, така што целата појава претставува слап. Од наведените, најпристапни и највпечатливи се 6-те водопади кои локалното население со заедничко име ги нарекува Бучало. Истите се лесно пристапни и до нив води патека која започнува од острата кривина на асфалтниот пат кон Рамно, на самиот излез од викенд населбата Бродец. До двата горни водопади се стигнува за само 5 минути лесно пешачење. Патеката минува непосредно под долниот водопад висок 2,8 m. Веднаш над него е уште еден водопад со слична височина. На 150 метри низводно или околу 50 м пониско има уште 4 водопади. До овие водопади исто така води патека која започнува од последните викендички во Бродец, над вилата Елена. Најгорниот водопад воедно е и најголем во целата област, со височина од 5 метри. Под него, односно над самата патека во овој дел е помал, но мошне живописен водопад висок 3 m. Под патеката има уште два водопади од кои погорниот е висок 4 m, а подолниот (всушност најнизок водопад во слапот) е со височина од околу 2,5 m. Тоа значи дека вкупната височина на сите 6 водопади е околу 18 метри, а заедно со останатите 4 помали водопади, околу 25 метри.
Бродечките водопади (или Бучало; Бучала), се наоѓаат во извонреден природен шумски амбиент. Функционираат во најголем дел од годината освен во изразито сушен период (обично август-септември). Најголем протек, односно најголемо количество на вода имаат од февруари до мај, кога се и најубави за посета. Според проценките, во овој период, протекот им се движи околу 20-50 литри во секунда, а во летниот период истиот опаѓа на 2-10 литри во секунда. Инаку, по својот постанок водопадите се настанати со селективна ерозија на шкрилците во кои има и слоеви од кварцити и кварцитни жили (кои се доста отпорни). Всушност, поради смената на карпи со различна отпорност и силната регресивна ерозија, целиот овој сегмент од Тршченски Поток има голем надолжен пад.
Според сето претходно наведено, Бродечките водопади се мошне интересни и атрактивни за посета. Сепак, имајќи го во предвид искуството на авторот со промоцијата на вредните природни локалитети во Македонија, се наметнува мислењето дека зголемената посета ќе значи и засилена деградација на овој природен рај. Во таа смисла, можеби е неопходна некаква форма на законска заштита и соодветно, мошне внимателно туристичко уредување.
Во меѓувреме, искористете го слободното време и наместо на презагушеното Водно, прошетајте до овој дел на Скопска Црна Гора – наполнете ги белите дробови со чист воздух, очите со преубави природни пејсажи, а мислите оставете ги да одмараат далеку од Скопското сивило.
Автор: д-р Ивица Милевски
aberdojde.mk