Сирења, кашкавали, слатка и мармалади, мед, риба, макала, зачини и пекарски домашни специјалитети, се само дел од широката лепеза традиционални производи што нашите земјоделци, посебно оние од руралните средини, веќе можат и легално да ги продаваат, директно од дома или на фарма.
Ова го предвидуваат неодамна донесените два правилника (за храна од животинско и за храна од неживотинско потекло) со кои значително се олабавија условите за производство/преработка. Правилниците наметнуваат само основни, елементарни критериуми, најмногу во однос на хигиената, кои мора да се исполнат.
Повеќето производители сметаат дека ефектот од примената на правилниците ќе биде видлив веројатно наредната година зашто е релативно краток периодот од нивното донесување за да се постигнат некакви резултати. Довербата на потрошувачите, пак, е индивидуална и главно сведена на принципот „препорака“. Ако некој веќе купувал сирење или кашкавал кај одреден производител и е задоволен, го пренесува искуството на свои роднини и пријатели. Така се шири продажната мрежа.
-Правилниците во голема мера ги олабавија условите за производство. Основно што се бара е хигиената. Потоа, неопходни се посебни простории, зависно од типот на производството, садови од инокс, вода, можност за миење, одржување чисто во секое време. Тоа е основното што треба да го има една млекарница, независно дали е во село, во град или на планина, вели Скендер Аме, претседател на Здружението на дебарските сточари „Дешат“, кој целата количина сирење произведена во една година, околу 2.000 канти или 14 тони, ја продава од дома.
За сирење и млеко, нагласува Аме, сточарите мора да имаат мандра регситрирана во АХВ.
-Во однос на урдата и нашето традиционално бело сирење, нашите клиенти веќе ги знаат, тие се редовни купувачи, идат постојано, 23 години купуваат од кај мене. Уверени се дека производот е безбеден и сигурен, а пред се и квалитетен. Секако, имам и уверенија од АХВ дека стоката ми е вакцинирана. Во секој случај, би рекол, тоа што е квалитетно – функционира. Се што е традиционално, македонско, е добро, потенцира Скендер Аме.
Производителот на мед, Горан Алексовски, член на здружението „Македонска пчела“ – МакБи, оценува дека резултатите од примената на правилниците би требало да се очекуваат наредната година, барем во делот на пчеларството. Тој се уште не е регистриран за продажба „од куќен праг“. Поднел барање за мерката „млад земјоделец“, а кога ќе ја добие, планира да опреми погон и да се регистрира за продажба.
И според него, сега, со правилниците, условите за производство се многу пофлексибилни, особено за малите производители.
-Се бара, на пример, под или ѕидови што лесно се одржуваат, никаде не е наведено дали да бидат плочки, ламинат. Всушност, ни се дозволува да си најдеме материјал по некоја солидна цена, што ќе можеме да си го дозволиме. Не не обврзуваат стриктно со нешто – дали да имаме центрифуга од 2.500 евра или од 300 евра, само да биде од нерѓосувачки материјал, од инокс. Има доста олеснувања, објаснува Алексовски.
Од производителите да не се очекува константност во производството
Фросина Ѓоргиевска, национален координатор на Мрежата на жени фармери при НФФ која како технолог беше делегирана да учествува во изработката на правилниците, исто така е согласна дека условите со правилниците се далеку поедноставени и производителите секако мора да ги исполнат, но од нив не може да се бара, ниту да се очекува константност во производството.
-И сами дома кога правиме нешто, секојпат излегува поинаку, со поинаков квалитет, мармалад од шипки, на пример. Ни теоретски не може квалитетот да биде воедначен. Сигурност не може да се очекува ниту од големите производители кои ги имаат сите можни сертификати. Не ретко се случува на пазарот да се најдат производи со сомнителен квалитет. Иако имаат релевантна дата, тоа што е декларирано не одговара на тоа што е внатре, во пакувањето, истакнува Ѓоргиевска.
Таа и уште неколку жени прават најрзалични слатка, џемови, мармалади, желе, компоти и сокови од суровини кои ги црпат во нивниот, преспански крај (јаболка, капини, шипка, боровинка). Веќе работат на фејсбук (онлајн) страница преку која ќе ги нудат и рекламираат овие производи, иако повеќе се надеваат на „продажба по препорака“.
-Мислам дека тој стар принцип повеќе дава резултати. И нудењето е една од опциите, но друго е кога секој лично, сам ќе го проба производот и потоа секако, ако му се допаѓа, ќе го препорача на друг. И јас самата ќе се прашам дали би купила ако само прочитам на интернет, искрена е Ѓоргиевска.
Нејзина оценка е дека примената на правилниците ќе ги поттикнат жените од руралните средини да почнат да ги преработуваат дел од своите производи.
Како посебно добри Ѓоргиевска ги посочува правилниците за продажба во Словенија кои се преземени од австриксиот модел.
-Тие веќе работат со хотели, ресторани, всушност еден вид рурален туризам. Имав можност да престојувам таму, бевме сместени во едно мало место и многу интересно беше тоа што појадокот го добиваме од локалните производители, џем, мед, леб, јајца, сирење, кашкавал. Газдите на сместувачките капацитети имаат склучено договори со производителите за мали количини, доволни за нивните гости кои се 50 – 60 на број или помалку. Кај нас со правилниците ќе се легализираат производителите кои продаваат такви производи. На пазарчето во Росоман може да купите се и сешто. Тоа лично не го одобрувам. Во пластични шишиња стават лути пиперки за туршија што мислам дека не е во ред. Се знае, амбалажата треба да е стаклена. Значи, сепак некои норми мора да се почитуваат, објаснува Ѓоргиевска.