Во 2020 год. Мрежата за рурален развој на Македонија ја славеше 10-годишнината од своето основање. Голем број на успешно спроведени проекти, зголемени капацитети на организациите членки и создадени бројни партнерства за заедничка соработка во подобрување на условите за живеење во руралните средини, се само дел од резултатите кои Мрежата за рурален развој ги постигна во текот на 10 годишното работење.
Досегашните резултати и спроведени активности беа презентирани на Годишното собрание на МРР во Струга. Настанот беше организиран во согласност со пропишаните превентивни мерки за заштита од вирусот COVID19, во присуство на претставници на 21 активна членка на МРР, додека други 6 членки го следеа Собранието преку интернет. Во рамки на Годишното собрание беше спроведено гласање за избор на претседател на Мрежата за рурален развој, на кое присутните беа едногласни за реизбор на актуелниот претседател, Петар Ѓоргиевски, со што му беше доделен нов мандат од 4 години.
Собранието ја заокружи 10 годишната работа на МРР со плодна дискусија помеѓу членките, споделување на искуства и знаења поврзани со руралниот развој во земјава, но и размена на идеи за понатамошни активности и соработка во рамки на Мрежата за рурален развој.
На крајот, Петар Ѓоргиевски ги повика членките активно да се вклучат во идните активности на МРР, кои ќе бидат фокусирани на зајакнување на капацитетите на Мрежата и нејзините членки, како и на LEADER, како иновативен пристап во рамките на политиката на рурален развој на ЕУ за стимулирање на еднаквоста и единството на сите засегнати страни во процесите на градење на политики, донесување одлуки и имплементација на активности поврзани со руралниот развој и зајакнување на капацитетите на мрежата.
E-Билтен бр. 20 на МРР
aberdojde.mk