Граѓанските организации и средношколците кои понудија решенија за локални еколошки проблеми во регионите со заштитени подрачја и беа поддржани од Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво ќе работат на инцијативи кои се однесуваат на: примената на добри земјоделски практики, поголем пристап до информации за работата на мерната станица „Стење“ во Преспа, поголема транспарентност и одговорност на општините, решавање на проблемите со дивите депонии и поттикнување на еко-активизмот кај младите но и граѓанска одговорност. Подолу можете да прочитате повеќе за секоја иницијатива.
Еко Герила во соработка со средното училиште „Цар Самоил“ ќе работат на кампања за поголем пристап до информации за работата на мерната станица „Стење“ во Преспа. Преку поголема видливост за работата на оваа институција, граѓаните ќе можат да се информираат за квалитетот на водата на Преспанското Езеро, но и за можностите кои мерната станица ги нуди во однос на истражувања, обуки, едукации на кадар (практична настава на средношколците) и сл. Еко Герила е граѓанска организација од Ресен која промовира граѓански активизам за заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на живеење.
Ековита во соработка со средношколците од “Св. Кирил и Методиј” од Неготино ќе спроведуваат кампања за примена на добри земјоделски практики во лозарството во Тиквешкиот регион. Користењето на феромонските стапици за намалување на популацијата на гроздовиот молец ќе ја намали употребата на инсектициди и ќе се намали штетата од лозовиот молец. Со тоа ќе се придонесе кон заштита на околината од загадување и одгледување на безбедни и конкурентни производи. Ековита е здружение на граѓани од Неготино кое работи на врската помеѓу еколошкото производство и одржливото искористување на животната средина.
КАБ СТРУГА 2017 со средношколците од „Нико Нестор“ ќе работи на кампања за поголема транспарентност и одговорност на Општина Струга во делот за трошењето на финансиските средства наменети за решавање на проблемите со малите диви депонии во Струга и околните руралните средини. Преку конкретни акции со младите за расчистување на сметот ќе се поттикнува и еко-активизмот, кој е важен во зачувување на уникатната природа на овој предел во кој што ужива населението и туристите. КАБ СТРУГА 2017 е граѓанска организација која ги промовира планинарството и зачувувањето на животната средина.
Спортскиот Клуб Клисура од Демир Капија во партнерство со средното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино ќе застапуваат за решавање на проблемот со еколошката катастрофа во Демиркаписката Клисура предизвикана од градежниот отпад кој настана со изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица. Отстранувањето на неразградливиот отпад ќе значи заштита на Челевечка река и Демиркаписката клисура како и опстојувањето на рибниот фонд (бојник) кој живее таму, но и другиот специфичен животински фонд и вегетација. Спортскиот Клуб Клисура е граѓанска организација основана од локални млади активисти и спортисти за промовирање на активен животен стил во областа на спортот на отворено, еко-туризмот и ангажманот на младите.
Македонски културен центар (МКЦ) во партнерство со средношколците од медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола ќе го поттикнуваат еко-активизмот кај младите но и граѓанската одговорност преку кампања против фрлање отпадоци насекаде. Ова ќе придонесе за решавање на нечистотијата во Битола и околните рекреативни и излетнички места и менување на навиките на населението во однос на заштитата на животната средина. Македонски културен центар (МКЦ) – Битола работи на проекти и програми за млади во областа на волонтерството, неформалното образование, граѓанските иницијативи и урбаната култура.
„Хорти Еко“ со средното училиште „Димитар Влахов” од Струмица, ќе промовираат добри земјоделски практики во Струмичкиот регион и органски начин на земјоделско производство. Преку користење на биоразградлив растителен земјоделски отпад ќе се намали загадувањето врз животната средина, но и ќе се зголеми квалитетот на земјоделските производи, а со тоа нивната побарувачка. “ХОРТИ ЕКО” е граѓанска организација која работи на унапредување на земјоделското производство и подобрување на животниот стандард во руралните средини.
medium.edu.mk