Детство, период во кој живеевме безгрижно и слободно. Период кој никогаш не се заборава и на кој вечно се навраќаме. Кога ќе помислам на тој период ми навираат многу спомени. Саботите речиси секогаш ни беа резервирани за семејна прошетка низ градскиот парк, посета на зоолошката градина или пак лудување во луна парк. Секогаш кога бевме послушни, а бевме :), татко ми ќе не почестеше со шеќерна волна, шеќерно јаболче или шеќерно петле. Знам дека воопшто не беа здрави ни за нас, ни за забите, но секако можевме да си дозволиме малку сладок грев. Сепак тоа беше добар начин да ја одржиме енергијата. Ах, убави шеќерни спомени, колку само го сакам тој мирис на карамелизиран шеќер.
Пред некој месец при мојата последна посета на Истанбул, додека уживавме во глетката на Златниот рог што ја нуди Пјер Лоти, една од моите пријателки на моја огромна радост ми разбуди спомен од тој прекрасен период и пред мене се појави со шеќерно јаболко и шеќерно петле. Па, така носталгична, добив идеја да ве вратам во детството и да ви понудам рецепт за дома да подготвите шеќерни јаболчиња. Впрочем токму сега е периодот на јаболката, па еве еден креативен начин како да ги искористите.
Потребни состојки:
– 10 ситни јаболка
– 500 грама шеќер
– 110 мл. вода
– 1 лажица оцет
– 2 лажици мед
– црвена прехранбена боја
– 10 дрвени стапчиња
Подготовка:
Прво јаболчињата добро измијте ги и избришете ги со мека крпа. Извадете ги рачките и на тоа место забодете по едно дрвено стапче. Потоа ставете ги водата и шеќерот да зовријат, па додадете ги останатите состојки. Варете 10-15 минути. За да бидете сигурни дека е готово, со лажичето земете од смесата и капнете во ладна вода или пак лажичето ставете го под ладен млаз вода. Смесата треба веднаш да се карамелизира и да не е мека. Во жешкиот сируп ставете ги јаболката и при тоа внимавајте сирупот да е добро нанесен на сите страни. На крај оставете ги врз метален сад (чинија или тава) за да се сушат. Откако ќе се исушат, шеќерните јаболчиња се подготвени за дегустација.
Зашеќерените јаболка можете да ги завиткате во целофан и да ги подарите на некој и со тоа да го потсетите на убавите детски денови. Тоа нема никој да остави рамнодушен, бидејќи во последно време ретко се наоѓаат места каде што може да го најдеме овој дамнешен деликатес, кој на сите ни буди слатки спомени.
Кристина Ангелеска