Додека на високите предели од Македонија си вее снег, на пониските предели низ државата се уште имаме можност за активно пешачење низ есенската идила.
Дестинација која тимот на Кајак.мк ви ја препорачува, а која ќе ви помогне да заборавите на есенскиот стрес, а воедно да ги наполните батериите е село Ореше. За ова село ни раскажува нашиот Марко Џамбазоски, чии патувачки приказни честопати знаат да бидат вистинскиот водич за активен викенд, а кој преферираме да го следиме на неговиот инста профил @markodzambazoski
Марко: Селото Ореше е крајната точка до која нѐ одведе асфалтираниот пат во областа Азот. Веднаш по пристигнувањето, здогледавме една голема група на луѓе, пред една стара куќа, собрани околу казанот во кој се вареше ракија. Забележаа дека сме посетители, а не нивни соселани кои доцнат на оваа нивна свеченост, па веднаш ни пристапија и поразговараа со нас. И како што е редот, нѐ упатија кон сѐ што треба да видиме во нивното село, а секако, не изостана и Орешкиот водопад, по кој всушност и бевме тргнати. Уште од самиот почеток на патеката која води до него царуваат есенската идила и живописната природа, кои му даваат посебен шарм на пешачењето, а едно од најубавите чувства е кога за првпат ќе го наслушаш звукот на водопадот и кога природата ќе те почести со една ваква прекрасна глетка.
За оние кои се уште немаат слушнато за Ореше, еве неколку општи информации за него:
Ова село се наоѓа во централниот дел на Р. Македонија, поточно во Оштина Чашка. Надморската височина на селото е 850 метри благодарение на напланината Даутица. Ова село е населено од мијачки родови кои кон крајот на XVII и почетокот на VXIII дошле од мијачките села од Западна Македонија.
Она кое го прави ова село да биде уникатно е архитектурата и секако добрата географска местоположба која изобилува со голем број природни ресурси и претставува идеална дестинација за љубителите на активниот туризам.
Доколку се одлучите да го посетите ова село, имајте предвид дека овде се наоѓаат црквите Св. Богородитца и Св. Петка, а високо во планината се наоѓа манастирскиот комплекс Св. Ѓорѓија.
Следејќи го течението на Орешка река ќе стигнете до местото наречено Ѓаолова воденица каде преку патеката која е заробена во густа шума ќе стигнете до прекрасниот водопад кој со својата бучност предизвикува восхит.
kajak.mk