Здружението ЈГПБР „Меден Исток“ нуди обука за „Пчелар за основно пчеларство на одржлив начин“, која е верифицирана од страна на ЈУ Центар за образование на возрасните. Целта на програмата е учесникот да се стекне со основни знаења, вештини и компетенции за примена на основните практики и техники за пчеларско производство на одржлив начин.
На обуката имаат право да се пријават сите заинтересирани кои имаат желба да се занимаваат со пчеларство и да ги применуваат биотехничките методи. Едукативната програма која е со времетраење од приближно 4 месеци и се реализира за време на викенди (часовите се адаптираат согласно временските услови и можностите за практична обука на пчеларник), се состои од 7 различни тематски модули со вкупно 110 часа. Теоретскиот дел се изведува во опремена училница во Кочани, а практичниот дел се изведува на опремен нагледен пчеларник во близината на Кочани, со можност за самостојна работа и учење. Теоретските и практичните содржини се во реализација на стручни и искусни обучувачи.
По успешно завршената обука, учесниците се стекнуваат со национално признат сертификат за работна оспособеност „Пчелар за основно пчеларство на одржлив начин“.
Модулите на едукативната програма се развиени со помош на размена на искуствата на швајцарската и домашната експертиза во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем. Дополнително, преку ПЗП, кај членовите на ЈГПБР „Меден Исток“ беше спроведено тригодишно научно-апликативно истражување во соработка со Александар Узунов од Факултетот за земјоделски науки и храна, во Скопје за примена и адаптација на биотехничките методи за контрола на крлежот (Varroa destructor) во летниот период, како замена на вообичаената употреба на синтетички хемиски средства, кои методи се инкорпорирани во едукативната програма.
Преку оваа едукативна програма и примената на концептот на одржливо пчеларење, пчеларите ќе можат да произведуваат безбедни и квалитетни пчеларски производи со посебна грижа кон природата и да креираат економска добивка, а со тоа и да се зајакне развојот на руралните средини.
Следниот циклус на обуки ќе започне во април, 2021 година.
medenistok.mk