Ноќ пред Илинден. Баба Нада Митрева од Василево со трепет ја отвара рерната каде се допечува владимирскиот зелник. Ќе патува утре. И со себе ќе го понесе, за Владимирово, на традиционалните „Владимирски илинденски средби“.
Ќе си остане цели пет дена во родната куќа. Во ладовината која ја има на осумстотини педесетте метри височина, во жешките августовски денови. „Ладимирци“ сите ќе бидат таму. И оние кои останале и оние кои животот ги однел надалеку од селото.
И сите со полни „трпезници“. Кој ќе донесе ‘ржан леб, компир салата, пиперки со урда, кој сливова ракија, Владимирска.
Ќе го слушаат кавалот кој нежно свири покрај стадата, пискавата зурла, ‘ржењето на тапаните направени од ореово малешевско дрво и овчја кожа.
Ќе ги слушат двете црковни ѕвона кои долго, долго ќе бијат за здравје, за љубов.
Ќе си седам пред мојата девојчинска куќа и ќе се присеќам на младоста, на безгрижноста, на убавиот живот во селото, нестрплива е Баба Нада.
Навираат спомени од детството. Таму порасна, во Владимирово. Го знае секое ритче, секое поточе, секое столетно дрво. А ги има многу. И повисоки, пониски, рамни, стрми, благи. Брзи потоци по кој тече ладна малешевска чиста планинска вода. А шуми!? Високи, густи. Тенки стебла „до небо извишени“.
Ех мое Владимирово! – воздивна Баба Нада.
– Ќе наберам и чаеви и шумски плодови, се радува Баба Нада. И сирење ќе си купам. Малешевско, наше. Сирење направено од млекото на многуте бели овци кои пасат од чистата и недопрена природа на малешевијата.
И не велам не. Душата и срцето засекогаш ми се таму. Во Владимирово. И за секој Илинден ќе се враќам во татковата куќа. Во топлото мајчинско гнезо. Во нашето село. Во нашето Владимирово.
Нада Митрева