Аероклубот Скопје постои од 1923 година на различни локации во Скопската околина. Од 1984 година аеродромот се наоѓа во место Глуво, Стенковец.
Со поделбата на локалната самоуправа во 1996 година, аеродромот административно влегува во новата општина Чучер Сандево. Општина Чучер Сандево е рурална општина сместена под падините на Скопска Црна Гора, на север од Скопје. Таа зафаќа површина од 235 км2 и има 8.493 жители. Во општината како најразвиена стопанска гранка е земјоделието, потоа рудникот Бањани, како и повеќе мали приватни фирми.
Развојот на оваа општина е взаемно поврзан со развојот на Спортскиот аеродром Стенковец. Веќе четврт век општината работи со Аероклубот во насока на подобрување на условите и квалитетот на живот на жителите во оваа општина. Визијата на Аероклубот е креирање на Спортски аеродром каде вљубениците во авијацијата ќе можат да дојдат и да се занимаваат со воздухопловните спортови и да уживаат во овој вид на активности.
За да може да се исполни ваквата визија потребно е аеродромот Стенковец да се развива како современа дестинација со интересни содржини. Содржини кои се пристапни, не само за професионалните воздухопловци, туку и за домашните и странски туристи.
Позицијата на Спортскиот аеродром Стенковец е таква да може на туристите и посетителите да им овозможи воздушна глетка на Градот Скопје, Кањонот Матка, Водно, Скопска Црна Гора, Римскиот Аквадукт, Античкиот град Скупи, итн.
Со полетување од Стенковец цела Македонија е на дланка. Затоа во 2020, Аероклубот со поддршка на ЕУ, Светска Банка и Министерството за Економија во рамките на „Проектот за локална и регионална конкурентност“, изгради туристички објект, ресторан со капацитет од 300 луѓе и мал сместувачки капацитет со 6 соби. Беа креирани услуги привлечни за туристите, како на пример, тандем скокови со падобран, проба за летање едрилици, проба за летање спортски авиони, проба за летање ултралесни авиони, тандем летови со параглајдер, летање на радиокомандувано авионче и дронови, итн.
Некои од плановите на Аероклубот за понатамошен развој вклучуваат: Музеј на авијација, изградба на хангари за авиони/ гаражи за авиони, Автокамп, изградба на стакленик за одгледување дрвја и обновување на инфраструктурата (пат, паркинг, информативни знаци).
Музејот е замислен како современ виртуелен комплекс во кој посетителите ќе можат преку аудиовизуелни презентации да се запознаат со историјата. Дел од комплексот се симулатори за летање, падобранство и управување со модели на авиони.
Целта е покрај знаењата за историјата, децата од школска возраст да се стекнат со практичниот дел од природните науки, особено во областа на аеродинамиката.
Бидејќи обиколницата на Градот Скопје минува близу аеродромот планот е да се направи Автокамп за да можат патниците намерници да одморат на своето патување.
Предвидено е и посебно место во кое ќе растат дрвја типични за овој регион и ќе се садат околу аеродромот и во општината. Идејата е секој нов член да засади „свое“ дрво на аеродромот и да се грижи за него. Вишокот дрвја ќе се поклонуваат на заинтересирани.
Аероклубот редовно спроведува вакви и слични проекти кои ги поддржуваат, не само воздухопловството, туку и основните демократски и човечки вредности. Аероклубот работи со лица со попреченост во деловите каде можат да се занимаваат со воздухопловните спортови и деловите со заштита на животната средина преку развој на проекти за аеропошумување.
Аероклубот Скопје има обучен тим и капацитет за раководење со проекти и отворени се за соработка со институции и граѓански организации кои работат во правец на развој на оваа рурална општина. Ваквиот развој, Аероклубот го гледа преку зголемување на атракциите во општината и зголемување на бројот на туристите, со што неминовно ќе се зголеми бројот на работните места, а тоа директно ја спречува миграцијата на младите луѓе од општината.
ruralnet.mk