По повод Денот на екологијата во Делчево се одржа симболична акција за собирање на отпадот кај манастирскиот комплекс „Балаклија“. Акцијата ја организираше Локалниот младински совет од Делчево во соработка со волонтерите од здружението „Надеж“ од каде информираа дека заедно со неколку волонтери од ЕУ учествуваат во заедничкиот проект „Природна перспектива“ кој е финансиран од страна на програмата Европски солидарен корпус преку Еразмус плус.
-Денешната акција се реализираше под мотото „Мисли глобално, делувај локално“ и во рамки на истата беше исчистен отпадот кај манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“.
Денеска во оваа акција се вклучи и Локалниот младински совет кои исто така гледаат каква е состојбата со загадувањето на околината. Со оваа акција се гледа дека некако како да ни претставува проблем да го фрламе ѓубрето на местата предвидени за тоа, затоа сакаме да испратиме порака дека веќе е доцна, нема веќе време, затоа треба да делуваме веднаш и сега, истакна координаторот Борче Димитровски.
За волонтерите од ЕУ кои учествуваа во акцијата, снегот не беше пречка за учество во ваквите еко-акции.
-Снегот е само временска состојба, како и се останато нема значење какво е времето, она што е важно е времето внатре во нас, ако времето внатре во нас е правилно, ништо не може да не запре да направиме нешто за околината, истакна волонтерот Џеј Дишлиев.
Неколкуте дена поминати во Делчево за волонтерката Веселина Маџарова се квалитетно поминато време, додека за Португалецот Нелсон Фреитас, штета е што местото кое е пикник собиралиште е препуштено на немилоста на несовесните кои фрлаат ѓубре насекаде.
-Преземете ја одговорноста и бидете совесни за последиците од негрижата кон околината, порача Фреитас.
-Многу ми се допадна, глетката, планината, снегот, а најмногу луѓето се чудесни. Пожелувам сите повеќе да се грижат за природата да фрлаат во кантите и да си помагаме заедно, рече Маџарова.
Акцијата на младите волонтери ја поздравија и граѓаните кои живеат во близина.
delcevo365.mk