Прилепското Езеро или езерото „Прилеп“ е вештачка акумулација, лоцирана во местото Горно Поле во долината на Ореовечката Река, 4 km североисточно од градот. Езерото се храни со малите водотеци: Пештерска и Стара Река, како и водите кои доаѓаат од атарот на село Крстец. Лачната, бетонска брана е изградена во 1965 година со поголем број на посебни бетонски лакови-столбови. Височината на браната на езерото изнесува 36 m, долга е 408 m, а ширината на круната изнесува 2,5 m. Котата на максималното ниво на водата се наоѓа на височина од 745 m. Акумулацијата е изградена во 1967 година. Максималната должина на езерото изнесува 1,5 km, додека максималната широчина изнесува 0,55 km, а зафаќа вкупна површина од 0,55 km2.
Прилепското Езеро е мало, но доста атрактивно, а со доуредување лесно може да стане посетен туристички локалитет. До 1980-тите години, до езерото постоел Мотел „Езеро“, кој бил изграден набрзо по изградбата на браната. Мотелот уште во тоа време претставувал туристичка мамка и бил посетуван од многу туристи. Денес, за жал, не постои никаков угостителски објект со кој би се поттикнал туристичкиот развој. Според локалната самоуправа на градот Прилеп, во тек е изготовка на детален урбанистички план, според кој во околината на езерото ќе се гради модерна викенд населба. Освен самата околина, езерото е значајно по тоа што располага со повеќе видови на риби од кои најзастапени се клен, скобал, крап и костреш. Кострешот како еден од ретките видови се одликува со тоа што е редок и многу вкусен за јадење. Затоа, најчести посетители на езерото се токму рибарите. Сепак, поради неконтролираниот риболов, езерото денес е заштитено од ловочувари кои го штитат од т.н. „крадци на риби”.
Прилепското Езеро како вештачка акумулација служи за наводнување на Прилепското Поле и дел од околните села, кои имаат изградено хидросистеми. Исто така, служи за спортско – рекреативни цели како и излетнички локалитет, а со своето амбиентално опкружување нуди можности за велосипедизам, натпревари во спортска ориентација, организирање на излети, кајак на мирни води, како и натпревари во спортски риболов.
Автор: Филип Стомнароски, студент на Институт за географија