Убавите приказни кои „туризам“ значат ги пишуваме со огромно задоволство. Без разлика што пандемијата му пркоси на секторот, сепак тимот на Кајак.мк дава се од себе за да ги испромовира луѓето во Македонија кои прават мали нешта со огромно значење во развојот на туризмот.
Денеска сакаме да ве запознаеме со една успешна приказна, која првите страници ги испишала неодамна. Запознајте го Гоце Попов кој заедно со неговата сопруга се големи љубители на виното. Гоце вели дека патувале насекаде низ светот и посетиле многу винарии. Се запознале со Тоскана, Истра, Словенија и Србија, а во Македонија велат дека ги имаат посетено сите места каде се пороизведува добро вино.
Пред три години се решиле да купат стара куќа изградена во 1956 година и во неа да ископат подрум каде ќе ги чуваат сите танкови за ферментација на виното.
Минатата година кога памденијата земала замаф, тие се одлучиле да ја стартуваат приказната наречена „Подрумот Попови“.
Го одбрале Кавадарци како идеален град за развој на својата приказна поради самиот вински регион, големиот број сончеви денови во годината, одличните климатски услови, прекрасната местоположна, идеалната почва за црвени и бели сорти на грозје но и поради традицијата од три генерации кои правеле вино во нивните домови, која тие денеска сакаат да ја продолжат.
Целта на винскиот подрум е да ја заокружи посветеноста и љубовта кон виното, но и да остави аманет на идните генерации да го негуваат тоа што им го нуди почвата.
Регистрирани како легални субјекти на пазарот за вино, нивниот подрум денеска има капацитет да произведе 6000 шишиња со пет различни етикети и тоа: Вранец, Дисан, Кабарне Совињон, Темјаника Голд, Шардоне Смолник и Вранец Барик.
Во склоп на винаријата има сместување каде гостите може да престојуваат во соби кои имаат стаклен поглед кон винскиот подрум. Капацитетот е за 8 лица, односно четири апартмани.
Винаријата нуди дегустација на четири вина кои се служат заедно со пршута, кашкавал и сирења, како и традиционалниот кавадаречки геврек.
Во подрумот одлежува и провото органско вино Вранец кое е направено од органско грозје Вранец. Гоце вели дека е особено горд што по 12 месеци зреење во барел и 6 месеци во шише, ова вино кое ќе биде со 16 проценти алкохол ќе се најде на пазарот како прво црвено органско вино произведено во нивната винарија. Ова производство ќе биде со лимитирана верија од 300 шишиња.
kajak.mk