Локалните сорти на овошје и зеленчук се култури и растенија што со векови се одгледуваат во еден географски простор, користејќи традиционални земјоделски практики и без употреба на комерцијални семиња и расад. Често постојат и т.н. автохтони видови или сорти, но поради комплексноста на точното утврдување на потеклото, почесто се спомнуваат како локални сорти.
Овие сорти настанале преку примитивна генетска промена (на пример со калемење) и со текот на времето под дејство на локалната клима.
Поголемиот дел од продуктите што се одгледуваат низ нашата држава и Брегалничкиот регион историски своето потекло го наоѓаат некаде во Северна и Јужна Америка или пак Азија и дури Африка. Пример за тоа се доматот, компирот, пиперка, пченката, тиквата – сите овие растенија пристигнале во Европа некаде пред околу 500-600 г. Но, силното култивирање, размножување како и под влијание на климата дало можност за развој на регионални или локални сорти и варијации на растенијата и културите.
Денес, соочени со климатските промени и потребата за одржлив развој и чување на природните ресурси овие сорти и видови добиваат се поголемо значење. Ова се главните причини:
- Се штеди вода
Локалните сорти и видови со текот на времето развиле генетска можност за опстанок со малку количество на вода. Во нашата држава владее умерено континентална клима со силно влијание од Медитеранот, па топлите и суви лета се честа појава кај нас. - Одгледување на традиционален начин
Поголемиот дел од локалните сорти се одгледуваат на традиционален начин. Со овој метод се зачувуваат локалните традиции и знаење, разумно се користат природните ресурси и се развива локалната заедница. - Користење на одржливи практики во земјоделството
Локалното население со употреба на одржливи практики во земјоделството се грижи природните екосистеми и нивниот биодиверзитет да бидат сочувани, управувани и користени одржливо преку користење на квалитетен семенски материјал, контролирање на примената на вештачки ѓубрива и хемиски средства. - Се чува генетскиот биодиверзитет
Во период кога сè повеќе се учи за значењето на биолошката разновидност, не смее да се пропушти и заштитата на агробиодиверзитетот. Сите видови, сорти и варијации се важни. Преку одгледување на овие растенија и култури ги одржуваме овие генетски линии живи. - Се промовира здрав живот и здрава исхрана
Веќе одамнa познатo e дека употреба на локално сезонско овошје и зеленчук е најдобар начин за исхрана. Здравиот начин на живот како светски тренд е една од главните можности за промоција на локалните сорти како најдобра опција за исхрана.
bregalnica-ncp.mk