Човек не знае дали да напише некој убав збор за оваа недопрена убавина, или пак да си молчи за да остане природата понастрана од злобната човечка рака.
Еден од плановите за оваа вирусна 2020 година беше и да ја прошетаме Плакенска планина со точак. По предвидениот план некаде крајот на септември или почетокот на октомври, во еден од последните топли и идеални викенди за ваков вид на спорт. 9-члената екипа спремни да извозиме 300км со автомобил за 10 часовно уживање на Плакенска планина. Најголемиот дел од екипата за прв пат возат овде и тоа за нив е една непозната авантура. (дел од нив верувам дека беа со мин. доза на скептицизам).
Некаде пред с. Вирово ги паркиравме автомобилите. Стандардна процедура, средување на опрема, подмачкување на ланци, последна проверка на се останато. Камерите спремни, мобилните наполнети, ќе има добри слики. Прва станица – с. Вирово. Место раскажано и опеано во многу наши раскази и приказни за едно друго време во кое поимот за саможртва и шест кон државата имала сосема поинакво значење од тоа што е денес. Да, од времето на Илинденското востание тука биле изработени неколку црешови топчиња кои биле употребени за време на востанието.
Над Вирово веднаш не фати кратка но стрмна угорнина која ни ги загреа и прегреа нозете уште на старт. Мала пауза и тргаме понатаму. Прва поголема пауза во манастир Св.Илија на висина од 1234мнв. Преубаво место, од Вирово оддалечено не повеќе од 7,5км. Малку одмор на сонце (обично во летните денови бараме сенка, овде баравме сонце затоа што под сенка воздухот е скоро па зимски), групно сликање за да имаме доказ дека сме биле.
Продолжуваме понатаму. Без брзање, тука сме да уживаме (што понатаму ова ќе ни се удри во глава поради тоа што не стемни на 2/3 од патеката). Уште колку има до Еврејка? Уште три кривини, една на десно, две на лево и еве стасавме…. Не е баш така, ама некогаш и лагата е подобра од вистината.
Стигнуваме до Еврејка, место кое така се нарекува по чешмата низ која тече најладната планинска вода. Точната легенда не ја знам но ќе се обидам да ја најдам ( имаше некоја приказна за некоја девојка со Еврејско потекло но искрено не ја знам точно). Важно ние стасавме, легнавме ко покосени, и се удривме на одмор, не знаејќи дека дури сега започнува вистинската борба со Плакенска планина. Екипажот ни се намали за двајца, затоа што тие решија вистински да уживаат во турата, а ние останатите започнавме да се искачуваме, односно започна неговото височество – туркањето. Чиниш еве каде е, сега ќе биде , после ќе биде, точно 90 минути од Еврејка до врвот. А таму се забораваат сите маки, сите капки пот кои додуша, беа бааѓи. Е таму на врвот, на точно 16км од стартот на турата, на Сталев камен (се до врвот си го викавме Сталин камен) кој е запишан како врв од 1999мнв (а по моите електронски показатели тој е 2002мнв), таму на врвот се собра сета убавина на оваа тура, сиот поглед кој можете да го меморирате во себе, и да го чувате за цел живот.
Врвот како и сите останати, обичен , со релативно мек пристап од сите страни ( за разлика од многу врвови кои имаат остар завршеток и се тешко пристапни), ама глетката – фантазија е мал збор да се опише тој поглед што може да го вртите цели 360 степени, така со саати и саати и пак да ви е малку. На запад можеби единствен поглед ( освен оној на Галичица) каде на дланка ви се двете наши водени убавици – Охридско и Преспанско езеро, разделени од меѓата наречена Галичица. На југ се изгида Пелистер и тоа во помека верзија од онаа кога го гледаме од Прилепско, чиниш нема проблем и таму ќе се качиме. На Исток Демир Хисарска околија, онаа славна од времето комитско. Тука најверојатно биле најголемите Македонски херои кои ги имало во тоа време. Над оваа околија се издигнува и Мечкин камен, а во позадина е и Крушево. Ако погледнете малку на север, ќе го видите и Кичевскиот крај, значи целиот централно западен регион на оваа наша убава Македонија ти е на дланка. И сега ти треба за неполни 30 минути да се изнауживаш, да се сликаш од сите можни агли, да се вртиш за 360 степени не знаејќи каде подолго да го задржиш погледот.. Не бива за толку кратко време, едноставно не бива (затоа не стемни на крај на турата и не видовме скоро ништо од убавините на двете села Големо Илино и Железник).
Време е за тргнување. Уште колку има- се прашуваме. Не е далеку, еве кај е , само она ридче и се спуштаме надоле….. и така 4-5 ридчиња едно два часа!!!! Сега ќе биде, после ќе биде – никако да започнеме да се спуштаме. Од Сталев камен кон север, се до непосредна блзина на врв Лиска (1908мнв) се вози 7,5км и сеуште висината не е помала од 1800мнв. Попатно, се минат неколку врвови (Дамов Гроб 1963мнв), (Гроб 1897мнв) , (Вршнико 1918мнв) (Стража 1842мнв) и дури потоа вртиш надоле се до манастирот св.Илија. А каде би имало ладна и убава вода ако не во некој убав Македонски манастир?? И тука многу краток одмор, и тргнуваме надоле. Од тука ни престои 9км спуст кој не знаеш дали да викаш од радост или да возиш поспоро за да не ти заврши оваа убавина. Искрено, сум возел на 70-80% од Македонските планини, но ваква природна патека погодна за планински велосипедизам – немам ниту видено ниту возено. Фантазија. Уште да имавме повеќе време да застанеме во Големо Илино (за што искрено жалам). А жалам уштеповеке и за с.Железнец кој како миневме, така усните ни се подотвораа од убавини. Стари но цврсти Македонски куќи, чиниш сега се градени, а тие со товар време броено не со години, туку со векови. Прекрасно, едноставно неверуваш со свои очи дека постои ваква природна убавина (а сето тоа го перцепираш за неполни 5-6 минути) .
Е сега малку географија, посебно за с. Железнец – местото каде што извира Црна река, (инаку најголемата десна притока на Вардар во должина од 207 километри). Еден од трите извори на Врна река е токму во Железнец на надморска височина од 760 метри
Извира од изворот Црна Дупка во близина на селото Железнец на надморска височина од 760 метри. Од 2004 година претставува заштитен споменик на културата, поради препознатливата архитектура присутна во селото ( позајмив слики од интернет, се надевам авторот нема да ми се налути). И да уште малку историја – Железнец, е местото каде што потекла и познатата македонска народна песна „Ја излези, Ѓурѓо“ во која се воспеани војводата Јордан Пиперката и комитите што тргнуваат во Илинденскиот поход.
Толку од историја и географија, туку гледајќи ги овие убавини, нас потполно не стемни, и до колите стасавме во потполн мрак. 20-на минути завршни припреми, и срепмни тргаме кон Велес (и Скопје секако). Од телесните и човечките спецификации издвојуваме дека турата е крајно напорна, средно тешка клалсификација, со препорака да се вози исклучиво во летен период ( јули, август или прва половина од септември е идеално). За убавините, задоволствата и уживањето од природните убавини и глетки кои ги има долж целата патека, има само еден збор, кој можеби е непристоен, но е сосема адекватен за ова – Перверзија!!! За останати раскажувања ќе мора секој кој ја чита сказнава да си го натовари точачето и право Демирхисарско и уште по право конЕврејка. Од таму има многу решенија, дали лево, дали десно – сеедно…. Плакенска и Илинска планина имаат многу што да ни понудат, од нас зависи како ќе ги перцепираме. Само да ги оставиме онакви какви што се, без фрлање ѓубре, без сечење н дрва. .Тие со нивниот шумски блесок и убавина знаат како да ни вратат.
До следно вртење точак по Плакенска ( а ќе има следен пат сигурно), уживајте во Македонските природни убавини, уживајте во Македонија!!!
Зоран Јаневски
velesbiking.mk