Во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија се врши промоција на практики за одржливо производство на ориз кои имаат за цел да ги намалат притисокот и негативните влијанија врз природните ресурси истовремено обезбедувајќи социо-економски бенефит за фармерите (намалување на трошоците за внес, едукација и сл.)
Овие практики вклучуваат:
• Контролираната употреба на хемиски средства преку употреба на хербицид за пред и по никнење, но во препорачани дози;
• Поефикасна употреба на вештачки ѓубрива според препорачана доза и во соодветно време;
• Контролирана употреба на вода преку поставување на перфорирани цевки на самите полиња и мерење на нивото на водата;
• Намалување на нормата на семе преку користење на редосеалка и др.
Подетален опис на овие како и на останатите практики за одржливо производство на ориз кои се промовираат преку ПЗП, се претставени и опишани во Нацрт прирачникот за одржливо производство на ориз, изработен за потребите на овој проект. Покрај прирачникот изработен е и Пасош, во кој фармерите ги запишуваат сите податоци за активностите кои ги спроведуваат (на пр. вид и норма на семе и дата на сеидба, вид и количина на хербицид и дата на аплицирање и сл.).
Практиките за одржливо производство на ориз најпрво беа тестирани како пилот иницијативи на полињата на еден фармер, па потоа се применуваат од страна на 11 фармери, со тендеција оваа бројка постепено да се зголемува.
Во текот на целиот процес фармерите се мониторирани од страна на тимот на ПЗП со експертска поддршка од страна на Joseph Rickman (долгогодишен соработник на IRRI – меѓународен институт за истражување на оризот) и претставниците од Одделението за поледелство при Земјоделскиот институт Скопје.