Скопска Црна Гора изобилува со цркви и манастири. Тие се дел од од големото уметничко и културно историско наследство на македонскиот народ и одиграле голема улога во зачувувањето на македонскиот идентитет. Еден од нив е и средновековниот манастир Св. Илија, кој се наоѓа во селото Бањани на околу 17 километри од центарот на Скопје. До манастирот се стигнува по асфалтиран кривулест пат. Овој свет храм, скриен во падините на Скопска Црна Гора, е опколен со шума, а до него тече Бањанска река која му дава посебана убавина на целиот тој предел. Таа пленува со своето жуборкање и ретко кој може да одолее, а да не застане накратко за да го послуша тој приајтен звук.
Лековита вода за болни очи
Кога го посетивме манастирот имаше околу 20 посетители. Едни седеа во дворот, други го рагледуваа манастирскиот комплекс, трети ја набљудуваа реката.
-Не сме од селото. Но, често доаѓаме тука. Убаво ни е, си уживаме, ни вели Гоце кој седеше со својот пријател Зоран на една од масите.
Забележавме неколкумина како се искачуваат по скалите кои водат до манастирска црква. Тие ни кажаа дека се чести посетители на манастирот. Дошле да запалат свеќи во малата еднокорабна црква. Таа е слепена со северната страна до една карпа. Некои ја нарекуваат и пештерна црква. Од надворешната страна апсидата е тристрана. Фреските нацртани во 14 век се многу оштетени. Внатре во црквата се распознаваат два слоја живопис.
Откако излеговме од црквата, сретнавме еден од мештаните, кој ни раскажа некои детали за храмот, икао, како што ни рече и тој не знае за неговата историја, не знае од кого бил изграден и кој ги цртал фреските и иконите.
-Не би можел многу да ви кажам. Знам дека манастирскиот комплекс е изграден во 14 век. Овде учеле и првите македонски свештеници. Во тоа време била направена кујната. Најмногу го посетуваат поради изворот со лековита вода во дворот. Погледнете ја чешмата. Таа е во вид на око. Луѓето веруваат дека водата помага за болести на очите. Ова верување не од сега, со векови доаѓале тука оние кои имале проблеми со видот. Јас не можат да кажам дали навистина таа вода помага за видот, но има луѓе кои велат дека им помогнала. Многу мајки доаѓаат со децата да ги замијат и велат дека после тоа децата не им плачеле, се смирувале, вели нашиот соговорник, кој е свесен дека Црквата таквите верувања ги смета за празноверие. Но, луѓе што дошле со проблем, особено за очи, после тоа го препорачуваат манастирот на други, што, според него, е доволно да се заклучи дека „има нешто“. Тоа нешто, верниците би рекле е верата.
Во манастирот живеат кираџии
Во конаците живеат кираџии. Свештеник доаѓа само за време на верските празници, а особено е убаво на патрониот празик- Илинден.
Овој храм го посетуваат многу луѓе преку целата година, освен во зима.
На излегување од него сретнавме едно албанско семејство кое маката го натерала да побараат помош во православен храм.
Во ова село има неколку манастири кои меѓу народот се прочуени дека помагаат за конкретни проблеми. Манастирот Богородица го посетуваат оние кои имаат проблем да добијат пород. Манастирот Свети Никита, наводно помага за мажење и женење, а Свети Илија за очни болести. За свештениците тоа се празноверија. Но, овие верувања продложуваат да се пренесуваат од колено на колено.
Во овој дел од Скопје, црквите и манастирите се познати по тоа што во неколку од нив работеле и познатите мајстори на занаетот Дичо Зограф, Димитар Папрадишиски, Михајло и Евтихие и други. За храмот „Свети Илија Горни“, нема податоци дека во него фреските ги сликале познати фрескописци. Стручните лица велат дека насликаниот живопис има некоја посебна уметничка вредност.
Влaдиката Тимотеј меѓу првите ученици во Богословијата
Откако заминавме од храмот во мисли ни остана податокот дека во него се школувале првите македонски свештеници. Во архивите на медиумите може да се прочита дека на 26 септември 1967 година Светиот Синод на Македонската Православна Црква донел одлука за отворање Православна Богословија, средно-образовен теолошки центар. Од него се изнедрува наставниот кадар за потребите на Црквата. Програмата за редовната настава била утврдена на првиот наставнички совет одржан на 17 октомври 1967 година со благослов на тогашниот Дебарско-Кичевски Митрополит г. Методиј. На почетокот Богословијата била сместена во манастирот „Горни Свети Илија“. Ја започна редовната настава на 01 ноември истата година со 68 ученици од сите пет класови. Професорскиот колегиум беше составен од тројца редовни и шестмина вонредни професори, а првиот ректор на училиштето бил професорот Борис Бошковски. Еден од учениците бил и владиката Тимотеј. Тој е и единствениот владика кој го посетувал училиштето кога се наоѓало во „Свети Илија Горни“.
Но, во манастирот немало доволно услови за живот, па по една година училиштето било префрлено во скопско Драчево.
Денес конаците во Св. Илија се полни. Полн е и дворот со излетници, кои уживаат во убавините на природата. Убаво место да се посети, особено поради тишината, мирот и спокојот кои владеат во овие свети места и духовна утеха и поткрепа кои ја даваат.
denesen.mk