Село Скочивир за првпат се споменува во пописните турски дефтери од 1468 г. Сместено на 600 м надморска висина, во близина на селото Црна Река влегува во клисурата, односно прекинува нејзиниот „мирен тек“. Од тука се претпоставува дека потекнува и името на селото, односно од зборовите: скокни вир или скочи вир.
Скочивир се наоѓа на левиот брег на Црна Река и тука започнува најдолгата клисура во Македонија, „Скочивирска Клисура“, долга 104 км. Во овој дел на Црна Река, рељефно се формира тесно грло, поради што често доаѓало до периодични поплави и преливања на реката која правела огромни штети.
Во околината на село Скочивир постојат неколку антички локалитети, како доказ за богатото минато на овој регион. Градиште, Кале – Петалинско и Марково Кале се утврдени населби од железното време, а не смее да се заборави и Скочивирскиот натпис, врежан на карпа веднаш до Црна Река.
Село Скочивир има атар со зафатнина од 90,5 км2 и слава на селото е Петковден. Во селото постои храмот Св. Петка, изграден во 1860 г а во близина се наоѓа и надалеку познатиот манастир Св. Архангел Михаил.
Црква Св. Петка
Црквата Св. Петка во село Скочивир е изградена во 1860 година. Сместена е во горниот дел од селото и во нејзиниот двор се наоѓаат селските гробишта и гробови од Првата светска војна. Црквата е со богат фрескоживопис кој е во релативно лоша состојба.
Манастир Св. Архангел Михаил
Според преданието манастирот е основан во 1870 г. по иницијатива на младата Анѓа, на која и се сонило дека треба да преноќи во месноста Џајкова чука и тука да остави некој нишан.
Со текот на годините на тоа место е изградено и мало манастирче посветено на светецот Архангел Михаил, до изворот за кој што мештаните веруваат дека е света лековита вода. Во 1967 г од страна на месното население, започнато е со изградба на новиот дом на Св. Архангел Михаил нешто погоре од старото манастирче. Овој објект е реновиран во 1998 г кога се изградени и конаците, едни од најубавите во овој регион.
Крст над село Скочивир
Неодамна на ридот спроти село Скочивир, во близина на Манастирот Св. Архангел Михаил, е изграден метален крст. До Крстот води асфалтен пат и доколку сте во близина на село Скочивир, не пропуштајте да го посетите, пред се поради прекрасните панорами кон околината на село Скочивир.
off-road.mk