На 01 јуни 2018 им беа доделени Решенија на тринаесет Локални акциони групи од Македонија кои се запишани во Регистарот на лагови кое се води при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а согласно утврдените критериуми кои треба да ги исполнува една Локална акциона група (ЛАГ) од Македонија.
Со ова практично се затвори еден процес кој започна во декември 2013 (за некои лагови и порано) и чија цел беше формирање на нови правни субјекти, организации, кои ќе работат во делот на ревитализацијата на селото и руралните подрачја на територијата на Македонија.
Овие локални акциони групи се здруженија кои се регистрирано формално – правно во Централен Регистер на Македонија и преставуваат доброволни, непрофитни, невладини, непартиски и нерелигиозни организации, формирани со слободно здружување на субјекти од граѓанскиот, јавниот и бизнис сектор кои делуваат на определена територија (согласно определенета територија, општини ) и во која се членува на доброволна основа со единствена цел преземање на активности и ангажирање заради остварување на поширок општествен интерес од областа на руралниот развој и ревитализација на селото.
Локалните акциони групи кои ќе имат задача да ги спроведуваат принципите и политиките за рурален развој со примена на ЛЕАДЕР мерката како дел од ИПАРД програмата во Македонија, на територијата на општините (како што спомнав погоре) во која што е активно здружението.
Локалната акциона група ќе биде иницијатор, двигател и креатор во мобилизирањето на локалните потенцијали преку организација на чинителите, преку едукација на граѓаните и правните лица, како и обезбедување на поддршка на активности за подобрување на условите на живот и севкупен развој на руралната популација.
Исто така, високо на нивната агенда ќе биде и негувањето на економските, културните и историските вредности на руралните населени места на територијата на општините на кои ќе дејствува.
Лаговите се правни лица кои ќе делуваат во согласност со интерните акти на Здружението и позитивните законски прописи и тоа: Уставот, Законот за здруженија на граѓани и фондации, Законот за замјоделство и рурален развој, Законот за култура, Законот за заштита на кутурното наследство, Законот за заштита на животната средина и други сродни закони од областа на земјоделството, руралниот развој, претприемништвото, културата, ЕЛС, Законот за образование и останатите законски акти од областите на делување на Здружението.
Работата на лаговите се заснова и на следните ЛЕАДЕР начела:
• Одржлив рурален развој на територијата на која делува здружението, насочен кон вработување, зголемување на приходите на деловните субјекти и граѓаните и подобрување на стандардот на живеење, притоа водејќи сметка за зачувување на животната средина, културата и културното наследство и социјалните аспекти.
• Интегриран и повеќесекторски стратешки пристап со цел подобро искористување на ендогените ресурси, интеграција на локалните активности, градење на заеднички идентитет и заедничка визија за територијата, и идентификување на проекти за соработка врз основа на потребите на локалните заинтересирани страни
• Развој на партнерства и култура на соработка помеѓу сите заинтересирани страни од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор на територијата.
• Пристап „од долу нагоре“ преку зголемување на учеството на локалните заинтересирани страни во градењето на партнерството и процесите на локален развој.
• Промоција на учењето и иновативни активности со цел мобилизирање на ендогените потенцијали на територијата.
• Активно барање на можности за соработка со други надворешни актери и други здруженија локални акциони групи како клучен елемент за учење.
• Промоција на вмрежувањето, размена на искуства, добри практики и остварување на синергии.
Сашко Поповски
ЛАГ Беласица Огражден