Едно од најстарите аматерски културно уметнички друштва во Македонија е секако КУД „Гоце Делчев“ од Босилово. Формирано во далечната 1945 година со подготовка на театарската претстава „Печалбари“ од Антон Панов. Од тогаш до денес има поминато много време и се имаат случено многу организациони промени.
Но, низ годините, КУД „Гоце Делчев“ секогаш успева да ја задржи својата мисија и цел, да ја изведува, зачувува и да ги промовира традиционалните Македонски танци, песни, музика и драми, а со тоа одржувајќи го културниот идентитет на Македонскиот народ.
За овој период од околу 75 години постоење во активностите на КУД „Гоце Делчев“ е вткаен волонтерскиот ангажман на околу 500 членови кои живеат во Босилово или во негова близина. Локалната заедница секогаш била спремна да даде свој придонес во остварување на целите на оваа Културно уметничко друштво.
– Овде важно е да спомнам дека членовите на КУД „Гоце Делчев“ секогаш дејствувале како едно големо семејство, па дури во неговите активности честопати се случува да учестуваат неколку генерации од едно исто семејство – вели Васил Пандев, претседател на на КУД „Гоце Делчев“.
Исто така, факт е дека голем број на членови, својата музичка, танцова или актерска професионална кариера ја започнале токму во оваа друштво.
Членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Босилово низ годините секогаш се труделе да ја зачуваат и да ја претстават македонската култура на домашната, а и на публиката во други држави. Затоа доста често се организираат целовечерни танцови концерти со сплет на игри од Повардарие ( песни и танцови од Повардарието), Седенка (песни од источна Македонија), Комитско (танц од Лазарополскиот регион), Водарки (ритуален танц за полнење вода), Осоговка ( од Осоговскиот регион), Цвеќеберачка (танц за берење на цвеќе), Жетварка (жетварски танц).
– Низ годините имаме организирано и неколку турнеи низ европа вклучувајќи ги земјите како: Швајцарија, Германија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина. Во овие земји организирано имаме настапувано на фестивали, натпревари, целовечерни концерти за нашите иселеници, како и за пријателите на нашите македонци од тие држави, претставувајќи ја нашата култура и традиција – вели Пандев.
Во моментот КУД „Гоце Делчев“ од Босилово брои околу 120 членови од кои се сочинети трите главни настапувачки групи:
Танц групата, Пејачката група и Драмската група.
Танц групата
Танц групата има 4 подгрупи: пионери, јуниори, сениори и ветерани, поделени преку години и искуство. Танц групата има изведува голем број традиционални Македонски танцови, чии кореографии потекнуваат од разни региони на Македонија. Секој танц кажува приказна за регионот од кој што потекнува и се пренесува од една генерација на наредната.
Пејачка група
Пејачката група ја сочинуваат машка, женска и мешана пејачка група. Оваа група има обработено преку 100 традиционални Македонски песни, вклучувајќи и староградски песни. Дел од репертоарот на овие групи, а кои се омилени кај овие ансамбли се: Бог да го прости Миле Поп Орданов, Зачукале тапаните, Каљо Каљино, Во Влашкото маало, Под кулите на Струмица.
Пејачката група веќе има направено и издадено едно ЦД и едно ДВД за јавноста. Групата е во процесот на снимање на ново ЦД.
Драмска група
Во историјата на КУД „Гоце Делчев“ од Босилово, драмската група има подготвено и изведено над 40 драми. Во времето на СФРЈ, оваа група беше редовен учесник на регионалните и локалните драмски фестивали во нашиот регион, а учестуваа и на национални фестивали каде се многу успешни во прибирањето на голем број награди.
Репертоарот на Драмската група ги вклучува македонски класици како Ајдучка Чешма, Чорбаџи Теодос, Бегалка, Парите се отепувачка.
Во поново време, групата ги има подготвено и изведено тетарските претстави Железна Младост, Марина црното изгрејсонце, На отворено море, а во 2008 година, Македонски еротски приказни.
– КУД „Гоце Делчев“ и понатаму ќе продолжи да ја исполнува својата мисија, да ја изведува, зачувува и промовира Македонската традиционална култура преку развивање како културна организација и промовирање на своето наследство низ целиот свет – завршува Васил Пандев.
Васил Пандев
Претседател на КУД „Гоце Делчев“ Босилово
Долги години член ма КУД „Кочо Рацин“ Скопје
Кореограф на КУД „Боро Џони“ Струмица
Естраден уметник