Уште како мала поминував доста време на планина – ја започна својата приказна Зоре Митева, која работи како медицинска сестра.
Бидејќи, мајка ми потекнува од Малешевијата, нормално беше дел од школските распусти да се поминуваат таму. „Здраво е”, знаеја моите да кажат. И во право биле. На планина благодетите се безброј. Секогаш имаше нешто ново за видување. Нова патека за поминување, нова папрат со диви јаготки, нова слива за врзување лулка и секогаш „ново“ небо. Ново сено за скокање и спиење во него, нова падина за санкање. И нови уживања без крај.
Кога потпораснав почнав се почесто да се стремам кон повисоки врвови. Беласица беше како створена за мене, стрмна, висока. Се пронајдовме, убаво друштво, малку на број ама истомисленици. И скоро секој слободен викенд бевме на нов врв, на ново уживање. По патот поточиња, водопади, малинки, капинки. На врвот боровинки, како награда. По ливадите лековити билки и разнобојни цвеќиња. На есен калеидоскоп од бои. Зиме е неописливо убаво, снег, дрвца со капки кои замрзнале и кои кога ќе дувне ветрето звучат волшебно. А таму горе, глетката е величествена. Широчината нема крај, имаш чувство дека ако ги кренеш рацете ќе го фатиш небото. Често пати и облаците се некаде долу, а погледот одозгора е магичен – со восхит ни раскажува Зоре.
Активно планинарам од 1990 година. Сум учествувала на маршевите: Вараварица, Февруарски походи на Беласица, Балкан без граници, По патеките на Мис Стон, Манастирски патеки (Лесново), Марш во чест на Даре Џамбаз – Прилеп, По патеките на Плавуш, Кочулиски Водопади… Сум се искачила на врвовите Солунска глава, Пелистер, Матка, Голак, Руен, Златоврв, Зелен Брег, Двете уши, Бо Тра, Висока чука, Тромеѓе (Беласица), Лисец, Бел Камен…
И уште сме таму горе, на некој врв, а веќе се кројат нови планови каде за следниот викенд. Македонија е прекрасна земја. Секоја планина е посебна, секое билка лековита.
А таков е и мојот домашен Јегер кој го правам со многу лековити билки, кои ги собирам при планинарењето.
Ајдучка трева, кантарион, мајчина душичка, горски чај (риген), нане, маточина, невен, лаванда, рузмарин, какуле, камилица, жалфија, коприва, јаглика, бозгељ, трнки, липа, аронија, шипки, се само дел од билките кои ги ставам во литро ракија и една тегла мед. Сето ова се става во стаклен сад, а садот на топло, на сонце. Од време на време се промешува. После три недели се цеди, со пасирање на билките. Јегерот се конзумира умерено – ни го опишува Зоре процесот на изработка на овој домашен ликер.
А љубовта кон планината блика од неа. Па продолжува: се сеќавам кога за прв пат ги видов Пелистерските очи занемев од убавина. Ама така беше и на Караџица, Јакупица, Плачковица, Кожуф, Шара, Осогово, Плавуш, Голак…
Планинарењето има многу придобивки, ем телесни, ем душевни. Сепак, таквото чувство не може да се опише со зборови, тоа треба да се доживее – со очи полни со љубов кон планината ни раскажува Зоре.
На планина се стекнуваат многу пријатели, кои со ист жар ја сакаат планината, кои зрачат со позитивна енергија, кои едвај чекаш да ги сретнеш за ново дружење. Оној кој еднаш ќе ја засака планината, ќе ја сака цел живот.
Сега, заради работните и домашните обврски искачувањето е поретко. Веќе е како подарок. Ама сепак, се наоѓа ден за да се почасти душичката.
Над Струмица има многу убава трим патека – продолжува Зоре, така да кога не може на друга планина да се отиде тука е нашето баирче.
Со него дури има и една анегдота. Кога на гости ни беа пријатели со децата и кога им предложив да се прошетаме по нашето баирче, децата буквално сфатиле дека е мое баирчето. Кога ги прашале каде го поминале денот, во еден глас одговориле – на баирчето на тета Зоре. Среќна сум што често пати заради раскажувањето за одредени прошетки по планините, сум ја разбудила желбата за искачување кај мои пријатели и тие сега исто така ги уживаат благодетите од планината.
Сепак, мојата љубов кон планината и билките, хармонијата која е воспоставена помеѓу нас, духовната инспирација, не би била комплетна ако не спомнам дека ваквите возвишени чувства ги црпам и од хорското пеење во хорот Св. Теофил Струмички, кој функционира во рамките на црквата Светите Петнаесeт Тивериополски свештеномаченици – ја завршува својата приказна Зоре.
Тимот на Абер дојде ја остави Зоре на широката ливада преполна со февруарски оросени кокичиња и тргна по удолницата надолу, брзајќи што побргу да им ја раскаже оваа приказна на своите читатели.
aberdojde.mk