Абер дојде: Др. Софче Поповска Георгиева, лекар стоматолог, филантроп, хуманист, вљубеник во природата, во цвеќарството, во животните, чувар на традицијата и духовноста. Дваесетина години се грижите за оралното здравје на локалните жители?
Софче: Да, дваесет години внимавам на моите пациенти. Тоа е еден голем временски период каде со многу трпение сум пристапувала и се уште пристапувам со грижа за нив, знаејќи колку многу е важно оралното здравјето.
Стоматологијата е тешка и одговорна професија. Ако не ја сакаш и не треба да ја работиш. Оваа работа сама по себе е груба, затоа што многу често мораме да направиме зафати кои не се посакувани ниту за нас стоматолозите, ниту пак за пациентите. Инаку имаме “златна” работа..само кај нас може да дојдат со огромна болка, а да си заминат насмеани.
Абер дојде: Вашите пациенти со респект зборуваат за Вас како лекар. Малку невообичаено за стоматолог, знаејќи дека пациентите не се баш „среќни“ кога треба да посетат стоматологот. Во што е Вашата тајна?
Софче: Довербата која се создава помеѓу мене и моите пациенти за мене е клучниот фактор за тоа. Пациентите го ставаат своето здравје во ваши раце. Никој од нас нема да појде на места каде се плаши од последиците по своето здравје.
Абер дојде: Наназад со години ја промовирате, негувате традицијата и духовноста од Вашиот крај. Претпоставуваме има посебно место во вашиот живот?
Софче: Традиционалните вредности за мене се многу важни и верувам дека истите треба да се почитуваат. Тие се нашите корења, местото од каде што потекнуваме. Со текот на животот сите тргнуваме по разни патишта, но, мислам дека по нив треба да се движеме почитувајќи ја традицијата. Да бидеме блиску до нашите родители, нашите баби и дедовци, а и да даваме пример на нашите поколенија.
Абер дојде: Член сте на некоја граѓанска иницијатива или организација?
Софче: Да, основач сум на Здружението Слоу Фуд Огражден од Босилово. тоа е една успешна приказна која ја започнавме во 2013 со неколку пријатели – волонтери, а дејствуваме на локално ниво.
Целите на оваа организација е токму она што претходно го зборев, зачувување на традицијата, на обичаите, автохтоноста на растителниот и животинскиот свет, на материјалните културни оставини, на духовноста. Но, во исто време имаме и обврска кон тие оставини да ги промовираме како успешен модел на функционирање на една цивилизација.
Исто така, мојата стоматолошка организација СОФИЈАДЕНТ е вклучена како правен субјект во основањето на Локалната акциона група БЕЛАСИЦА ОГРАЖДЕН, како нова форма на дејствување за развој на селото. Така да еве, активна сум и во граѓанскиот сектор.
Абер дојде: Вашиот двор е секогаш стокмен, среден и полн со цвеќиња. Ги сакате цвеќињата?
Софче: Мислам дека батериите што ми се празнат за да бидам успешна во работата ги полнам со моето време во градината. Таму за мене постои еден огромен мир и едно прекрасно чувство кога од едно минимално зрнце ќе излезе прекрасно цвеќенце. Исто како да се грижиш за своја фамилија.
Слично задоволство добивам и со моите дружења со народот и некои средби што сами си ги организираме, прошетките по природа и возење велосипед, а и моите верни другари, моите кучиња. Се тоа за мене е незаменливо.
Абер дојде: Вашите кучиња?
Софче: Моите 2 кучиња, мои другари. Мислам дека веќе имаме заеднички јазик на кој се разбираме, јас нив, а тие мене. Кога ќе излезам надвор знаат дали ќе бидат носени на прошетка или ќе добијат храна. „Мајстори“ се и да побегнат од дворот во полето и потоа да се бараме. Мислам дека тоа си го претворија во игра во која уживаат, а уживам во неа и јас.
Абер дојде: Велите: Живеењето во село го прави мојот живот исполнет. Што е тоа што по ваше убедување го прави различен од оној во градска/урбана средина?
Софче: Па еве, сето она претходно опишано. Сето ова што мене секојдневно ми се случува. Во градска средина, со помали дворови ги нема тие услови за да може вака животот да ми биде исполнет. Градот си носи други придобивки, но сепак, јас не би се менувала. Овде е мојот мир, хармонија, задоволство. Овде се моите предци, роднини, пријатели. Овде е мојот свет.
aberdojde.mk