Едукативниот центар за зачувување на природата е сместен во село Негрево на 2км од регионалниот пат Делчево-Пехчево-Берово, во старата училишна зграда.
Реновирањето на училишната зграда и основањето на едукативниот центар започнаa во 2017 година во рамки на активностите на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од Фармахем.
Едукативниот центар официјално беше отворен за посетители во септември 2018 година.
Основната цел на едукативниот центар е да придонесе кон зачувување на природата во брегалничкиот регион, преку едукација и подигање на јавната свест, како и промоција на одржливото користење на природните ресурси.
Со реконструкцијата на старата училишна зграда во с.Негрево, внатрешниот и надворешниот дел беа адаптирани за потребите на современ и интерактивен едукативен процес, каде на несекојдневен и оригинален начин на посетителите ќе им се доближи значењето на природата и ќе се презентира биолошката разновидноста на брегалничкиот слив.
Едукативниот центар има уреден двор со елементи за интерактивни активности за деца, млади и возрасни.
Посетителите може да ја посетат и „Патеката на Петко и шумските жители-Пехчевска авантура”, која го поврзува Едукативниот центар со локалитетот Јудови Ливади, каде вирее инсектојадното растение муволовка (Drosera Rotundifolia), кое е ендемичен вид за овие простори.
За кого е наменет Едукативниот Центар?
Едукативниот центар се стреми да им овозможи на учениците, студентите и на сите заинтересирани посетители, на креативен начин и преку употреба на современи и иновативни алатки да се запознаат со природните вредности во брегалничкиот регион, како и да го поддржи едукативниот процес за зачувување на природата на сите нивоа од образованието во регионот и пошироко.
Едукативниот центар е дел од листата за изведување на училишни екскурзии и други слободни активности на ученици од основните училишта на Министерството за образование и наука.
Едукативниот центар, освен за секојдневни поединечни посети на сите заинтересирани е одлично место за:
• Организирање на еднодневни екскурзии за ученици од основни и средни училишта
• Одржување на настава во природа
• Организација на предавања, семинари, обуки и еднодневни работилници и настани за градење на тимски дух
• Организирање на излети
• Организирање на изложби