Таму високо на планината, а веднаш под небесниот свод, таму каде што секојдневно се слави Словото Божје; таму каде што во спокојните прегратки на Бигорскиот Манастир Свети Јован Крстител, се негува сѐ она што значи вера, љубов и надеж под нашето македонско поднебје.
Токму таму една од многуте нешта кои се возобновуваат со љубов кон нашето, надеж за иднината и верба во сите нас, се наоѓа и западномакедонскиот центар за ревитализација на нашата старо-нова раса, македонското овчарско куче Караман. Со благослов на бигорскиот старец и игумен, Архимандрит Партениј, а под будното око на отец Порфириј, со братската помош од отец Ефрем, успешно се одгледуваат и размножуваат овие македонски горостаси. Центарот во склопот на манастирот работи во координација со кинолошкиот клуб за македонското овчарско куче Караман – ККМОКК.
Ова лето Господово, под покровителство на Кинолошкиот сојуз на РМ, во организација на ККМОКК се изведоа мерења на кучињата од оваа раса во нивното натурално опкружување, а секако дека не беа изоставени и примероците кои живеат среќно со своите семејства во урбаните средини.
Случај којшто е сѐ почест и во нашите дворови од спонтана причина што МОК Караманот е одличен миленик, чувар и пријател особено на децата. Тој од една страна е толку храбар и моќен, а од друга е толку кроток и мил. Вкупно беа премерени 132 единки по 37 параметри. Мерењата и земањето ДНК материјал ги изведоа: д-р Дарко Дробњак, д-р Миливоје Урошевиќ и м-р Марија Крстиќ. Од податоците ќе се изготви зоотехничка студија и генотипизација на македонското овчарско куче Караман. Овие податоци ќе помогнат да се ревидира постоечкиот стандард за МОК Караман, со што одгледувачите ќе можат да се придржуваат кон она најрелевантното, природното што го создала планината, поточно Господ. За разлика од многу модерни раси кои се создадени од човекот и за нив напишаните стандарди се човечка креативност или поточно хир. Што би рекол д-р Миливоје Урошевиќ: „Оние кутри раси каде што во нивната биологија сме ја отсликале нашата патологија!“ За разлика од нив МОК Караманот е сосема природна раса којашто во стандардот е пренесена таква каква што самата еволуирала, адаптирајќи се на условите, што подразбира дека егзогенетските фактори ги стимулирале ендогенетските, за да се адаптираат на ова поднебје.
Се претпоставува дека првото масовно распространување на прародителите на МОК Караманот по јужниот меридијан на Евроазија се случило во времето на империјата на Александар Трети Македонски, која се протегала од Македонија до Индија. Нивната уникатна убавина и храброст била честа инспирација за античките поети, така што ликот на ова куче бил често опеван во античката литература, а исто така се среќава и на некои монети од тоа време.
Светската кинолошка федерација ја застапува теоријата дека молосоидните и лупомолосоидните (премолосидни) кучиња се дојдени од Азија првенствено во југоисточна Европа, т.е. на Балканот. Подоцна оттука овој тип на куче почнува да се распространува нагоре низ Европа, за подоцна од нив, со селектирано размножување да се појават и првите европски мастифи и молоси со сосема друг фенотип.
Караманот до ден денес континуирано се одгледува како заштитник на стадата низ Македонија. Иако не станува збор за масовна бројка, сепак благодарение на конзервативниот живот на сточарите, сѐ уште можеме ова куче да го сретнеме во архетипна форма, во контекст на неговата прастара намена. Неретки се случаите во нашето културно наследство каде што го среќаваме ова куче со митски предзнак. Особено четвороокиот караман (со палежи над очите) како заштитник на домовите и шталите од невидливи пакосни створови. Неговиот лик исто така зазема видно место на средновековните фрески и иконостаси во македонските манастири, како и во македонските народни песни. Еден таков пример е логото на ККМОКК кое, всушност, е графизиран детаљ од фреската „Христовото Рождество“ во црквата на Свети Георгиј во с. Курбиново, Преспа.
На прекрасната фреска е живописан караман покрај трло со овци, со бодликава огрлица на вратот и едно пресечено-полуеректирано уво. Фрескоживописот е изработен кон крајот на ΧΙΙ век и се смета за еден од најуникатните во Македонија. Денес на територијата на Македонија живеат вкупно 645 Карамани, кои се под закрила на клубот. Визија на ККМОКК е македонското овчарско куче – Караман да ја омасови својата популација на цела територија на Р. Македонија, како и што побрзо да биде официјално признаена раса од светската кинолошка федерација. Мисијата, пак, на клубот гласи: контролирано, педигрирано размножување, со цел создавање на здрави и функционални, фенотипски коректни кучиња, според стандардот за МОК Караман.
Секогаш кога ќе помислите на нов миленик, првенствено спомнете си за уникатноста на МОК Караманот!
Пишува: Илија Ико Каров
bigorski.org.mk