Растителната агробиолошка разновидност во сливното подрачје на р. Брегалница се состои од регистрирани сорти и хибриди на земјоделски култури. Тие се застапени во комерцијалното производство на големи површини и од стари локални сорти кои се одгледуваат на мали површини и се наменети пред сè за лични упореби на жителите.
Во секое село има традиција да се одржуваат локални сорти, при што едно домаќинство одгледува по неколку култури со по 2-3 различни сорти (пипер, пченка, грав). Агротехничките мерки се вршат рачно на традиционален начин, со исклучок на житарките каде сите операции за механизирани. Најголем дел од жителите кои одржуваат локални сорти се на 50-75 годишна возраст. Помладите жители масовно се иселуваат од селата или се фокусираат кон комерцијално земјоделство, базирано на модерни сорти.
Овој процес е потикнат од субвенции кои ги доделува владата доколку се со сертифицирано семе. Во ретки случаи, овие култури се наменети за локалните пазари. Од тие причини некои култури (памук, коноп, лен) се изгубени пред неколку децении, додека кај оние што се одгледуваат се губи разновидноста на локалните сорти.
Во рамки на истражувањето е направена првична инвентаризација на брегалничкиот регион, но сепак резултатите добиени со истата не ја даваат конечната слика со постоењето на автохтони сорти во регионот, за жал неопходни се понатамошни испитувања.