Обвиткан во мистика, изложен на дланка меѓу карпести прсти, во форма на пентагон, над Прилеп бдее манастирот Трескавец, еден од најубавите во земјата. Месноста “Трескавец” е на 6 км северно од центарот на Прилеп и 2 км јужно од Горно Село. Претставува 600 м висок врв, на 1300 метри надморска височина, со голема прегледност над околината. Обрабен е со вертикални карпи и со гранитни грамади од север и запад, а од исток се надвива карпата Златоврв (1422 м), што како најмаркантен ориентир се гледа и од 20 км далеку. Старото светилиште горе на врвот е обвиткано со мистика и грмотевици, а во невреме и бури громовите удираат многу често во овој врв, па оттука доаѓа и името Трескавец.
Најстари остатоци
На врвот на Трескавец постоело светилиште уште во античко време, а денеска е едно од најголемите монашки и духовни светилишта. Од римската епоха (2/3 век) потекнуваат два натписа на мермерни постаменти, посветени на Аполон Етеуданос (Громобиец) и Артемида. Тука е споменато и името на светилиштето, Колобаиса. Местото било опслужувано од посветени луѓе и прислужници; од нив потекнуваат бројните гробови, раскопани јужно од врвот (хеленистичко и римско време). Верници — аџии ја посетувале Колобаиса од далеку. На крајот од антиката на местото на античкиот храм била подигната христијанска црква. Од неа останаа парчиња од мермерни столбови и други украси расфрлени наоколу.
Средновековни остатоци
Манастирската црква св. Богородица, сочувана до денес, потекнува од 14. век, меѓутоа била изградена врз постари остатоци. Опколена е со манастирски конаци и со други градби, а целиот комплекс е опфатен со ѕидови, подигнати врз постари остатоци. Тука стоеле и амбари, магацини, визби и други економски потреби на големиот манастирски имот. Манастирот бил основан најдоцна во 1230 година. Во тоа време и пазарот во Прилеп бил должен да му плаќа по 100 перпери данок годишно. Во несигурните времиња во доцниот 14 век манастирскиот укрепен простор на Трескавец несомнено служел како збег за околното население.
Како да стигнете до Трескавец
Ако решите да патувате од Скопје, со автомобил до Прилеп ќе ви бидат потребни некаде околу два и пол часа. Постојат две рути- преку E75 со должина од 132 километри или преку E75 и M5 со должина од 118 километри.
Прилеп е одалечен од Битола само 50 километри. Со оглед на фактот што од грчката граница до Битола има само 15 километри, манастирот Трескавец срдечно го препорачуваме на сите грчки туристи кои често престојуваат во Битола. Дел од своето слободно време можат да го искористат да го посетат овој манастир, кој сме сигурни дека ќе ги импресионира со својата убавина.
Кога сте веќе во Прилеп, најдобра опција за да го посетите манастирот е да тргнете пеш. Тура која сепак ја препорачуваме за оние со малку поавантуристички дух и подобра физичка кондиција. За поминување на рутата од шест километри ќе ви треба околу два часа. Планинарската патека води низ карпи и ниска трева. Оние помрзеливите најдобро е да тргнат со теренско возило, бидејќи патот кој води до манастриот е во лоша состојба.
Сашо Новески
balkon3.com