„ Во однос на селските дворови, често пати сме сведоци на ситуации кога клиентите настојуваат истовремено да ја сочуваат автохтоноста на селскиот двор и воедно да му дадат урбана нота. Конкретно, на мал простор да има и овоштарник и хортикултурни сегменти, што е естетски некомпатибилно. Овде, нашиот совет се однесува на физичко раздвојување на овие две дворни површини, без меѓусебна интерференција“- Тијана Трајковска
Уредениот убав двор отсекогаш бил важен сегмент во живеењето на луѓето. Изгледот, формата, содржината, душата на таквото место ја отсликува и душата на домаќините кои живеат таму. Денес такви катчиња, независно дали се градски паркови или индивидуални дворски места среќаваме во градските средини, каде жителите од урбаните средини ја држат конекцијата со природата.
Ваквиот начин на живот со облагороден двор, на луѓето од руралните места не им е непознато, иако целиот свој живот го поминуваат во услови на живеење кои се поблиску до природата.
Поаѓајќи од ова, брачниот пар Тијана и Јовица Трајковски од Ново Село – Скопје, ги оплеменуваат не само градските дворови туку многу често и дворовите кои се наоѓаат во село.
Јовица и претходно ја работел ова професија, па во 2008 година со својата сопруга ја создаваат својата компанија Platan-Frofi која е специјализирана за уредување, одржување, засадување, негување на зимзелени растенија, како и за одгледување на сезонски цветен расад, овошки, саксиско цвеќе.
Абер дојде: Г-ѓа Тијана, ги уредуваат ли жителите од селата своите дворови?
Тијана: Кога зборуваме за куќи на село, кај многумина се создава претстава за мали, трошни куќички, земјени дворови низ кои слободно шетаат домашни животни и птици, на крајот од дворот има голем стог на сено….Иако ваквиот опис буди асоцијации на некое поранешно време, кај нас сеуште се среќаваат селску куќи и дворови од овој тип.
Меѓутоа, во последната деценија сме сведоци на една обратна миграција, или миграција град-село. Луѓето се презаситени од градовите и постепено им се враќаат на своите селски имоти.
Има и луѓе кои наменски купуваат земјиште на село и на него градат семејни куќи. Ова е едната група на жители кои посветуваат внимание при уредување на своите дворови, така да од една страна бидат во склад со природата која ги опкружува, а истовремено да имаат современа, модерна нота.
Втората голема група на жители кои ја бараат нашата помош при уредувањето на дворните места, се младите брачни парови кои се родени и израсната во селските средини, но за разлика од нивните родители, тие се водат од модните трендови и бараат од нас идејни решенија за реализација на нивните цели.
Абер дојде: На Вашата веб страна https://platan-frofi.com/ видовме прекрасни креации на уредени дворови не само во градските туку и во селски средини. Вие ги обмислувате овие прекрасни идејни решенија?
Тијана: Се е работа на договор. Во принцип, на иницијалните средби со клиентите, најголемиот дел од нив доаѓаат со свои идеи и замисли како сакаат да им изгледа дворното место. Ние им помагаме со сугестии и предлози и на крај сето тоа го усогласуваме со просторните услови. Имаме и клиенти кои ни даваат слобода ние самите да го изработиме проектот, а во текот на тој процес и кај нив се раѓа некоја идеја. И повторно, сите замисли се адаптираат на условите на теренот.
Абер дојде: Ние знаеме дека посветено работите на развој на мултидимензионална програма за општествена одговорност, која покрива широк спектар на области во и надвор од вашата компанија, за да ја исполните вашата визија и да оставите значаен белег врз заедницата. Колку вашите клиенти се задоволни од вашите идејни решенија и нормално, од изведбата на веќе замисленото облагородување на тоа дворско катче?
Тијана: До сега не сме имале незадоволни клиенти или неуспешни проекти. Можеби рокот на конечната изведба некогаш се продолжува, со цел да се задоволат до најмала ситница желбите на клиентот. Или некогаш и временските услови се тие кои ја диктираат динамиката на реализација на проектот. Но секогаш крајната изведба е плод на заедничка соработка со клиентите, а задоволството од постигнатото е обострано.
Абер дојде: Г-дин Јовица, претпоставуваме е имплементаторот на креациите кои доаѓаат од Тијана?
Јовица: Во текот на овие тринасет години на постоење на семејниот бизнис, напоредно со развивање на дејноста, го зацврстувавме и нашиот партнерски однос. Спонтано направивме рамнотежа помеѓу релациите сопруг-сопруга и колега-колешка. Тијана има поголемо чувство за цветните аранжмани и успешно ги вклопува во идејните проекти. Исто така, поумешна е во организирањена тимовите, давање насоки за работа, едноставно сите организациски конци се во нејзини раце.
Постепено почнуваме да ги вклучуваме и децата во разни активности во расадникот, па слободно можеме да кажеме дека имаме семеен бизнис во вистинска смисла на зборот.
Абер дојде: Долги години сте во ова работа и тоа претставува Ваша професија. Има ли промени во техниката на изведбата, асортиманот, додатоците кои ги барат Вашите клиенти при облагородувањето на вакви места?
Јовица: Секако, нашата дејност има динамична природа и настојуваме да држиме чекор со современите трендови во уредување на дворни површини. На самиот почеток дворовите ги уредувавме и одржувавме без некоја поголема механизација и со неколку луѓе во тимот.
Потоа започнавме со сопствено производство на зимзелени садници кои ни беа потребни за уредување на дворовите по желба на клиентите. Но не само ние, туку и нашите клиенти ги следат светските трендови и ни ги презентираат во текот на договорите, така да и тие ни се дополнителен стимул за осовременување и усовршување на нашата дејност.
Во последните 6-7 години започнавме со инсталација на автоматски системи за наводнување, подигање на пондови и фонтани, поплочување со павер елементи и многу други пропратни изведби од областа на хортикултурата.
Абер дојде: Признанија за креативноста на Вашиот тим веруваме не изостануваат?
Тијана: Задоволството на нашите клиенти е наше најголемо признание.
Абердојде: Располагате со Гарден Центар (продажно место) од 500 м2 и расадник кој се протега на површина од 2500 м2. Планови за нови инвестиции?
Јовица: Во претстојниот период планираме да го прошириме расадникот, како и да го зголемиме бројот на тимовите кои работат на терен. Постојано ја обновуваме механизацијата и воведуваме новини за да држиме чекор со современите текови.
Абер дојде: Бидејќи сме електонски медиум кој работи на ревитализација на селото, а имате веќе изведби во мали места и на планини, како во село Гари или Дојран или пак на Пониква, ќе им дадете ли на нашите читатели некои посебни препораки на што да внимаваат при уредување на дворовите кои се наоѓат во село или на повисоко место?
Тијана: Во однос на уредување на дворни површини кои се на повисока надморска височина, основен совет е да не го прават тоа на своја рака, туку да побараат совет и мислење од стручно лице. Не секој вид на растение (дрво, грмушка, цвеќе) може да опстои во тие услови, затоа при изработка на идејно решение, треба да се направи прецизна класификација на растителните видови на кои им одговара таа средина.
Во однос на селските дворови, често пати сме сведоци на ситуации кога клиентите настојуваат истовремено да ја сочуваат автохтоноста на селскиот двор и воедно да му дадат урбана нота. Конкретно, на мал простор да има и овоштарник и хортикултурни сегменти, што е естетски некомпатибилно. Овде, нашиот совет се однесува на физичко раздвојување на овие две дворни површини, без меѓусебна интерференција.
Разговорот го водеше Сашко Поповски
aberdojde.mk