На сред село наспроти Културниот дом и училишната сала во Иловица тимот на Абер дојде го посети Трајчо Митров. Со шкрипувањето на влезната портичка се влегува во „рајот“ како што знаат да кажат локалните жители. Секој кој прв пат влегува овде застанува, длабоко воздивнува и ја голта убавината која блика од ова место. Многу домаќинска љубов има вткаено овде. И тоа со генерации.
„Ве очекував. Го добив аберот кој ми го пративте за доаѓањето ваше“ , рече Трајчо. Повелете седнете, срдечно покажа со рака кон рачно изработената дрвена маса и клупи“.
А клупите убави и за гледање и за седење. Ама нашата љубопитност да дознаеме повеќе за ова место нè не додржува, а да не прашаме:
Абер дојде: Колку време го негувате и надградувате со убавини вашиот двор?
Трајчо Митров: Доста време. Еве веќе 4 генерации. Но со поголем интензитет последните 5 /6 години.
Абер дојде: За нашите читатели да ни наброите какви растенија и цвеќиња одгледувате, во вашиот двор?
Трајчо Митров: Дворот е поделен на два дела, од кој едниот е само од естетски карактер, а другиот овоштарство. Естетскиот дел е поделен исто така на два дела- тревник со цвеќиња и украсни растенија, а другиот е со мало езерце.. Во делот покрај водата има ириси во разни бои, трски, клематиси и други видови на бршлени, а во водата цвет, кој плени со својата убавина- лотос. Што се однесува до цвеќињaта, почнуваме од рана пролет со зумбули, лалиња, гладиоли, потоа кринови, увозни каранфили во различни бои, a во лето хортензии во разни бои.
Моите омилени далии – во безброј бои, индиски јорговани и трендафили во сите бои. Јасминов цвет, кој плени со својот мирис и медитераска богинвилеја, која плени со својата убавина и непрестанно цветење. Ова се дел од нашите омилени цвеќиња, но дворот има душа и никогаш не изгледа по ист начин. Од овоштарството, покрај автохтоните сорти (ореви, лешки, круши, цреши и други) имаме и многу разни видови на нови сорти од типот на гучибери, јостабери, рибизли, аронии, јапонски круши и јаболки, разни видови на капини,малини, јагоди, исто како и повеќе видови зачински растенија (ловор, магданос, копар, босилок, темјан итн.) Исто така имаме и мала оранжерија за зеленчук без пестициди за домашна употреба.
Абер дојде: Многу разновидни птици има. Ние ги познаваме само пауните. Кои други видови на птици одгледувате?
Трајчо Митров: Покрај растенијата, имаме повеќе видови на птици и едно маче. Од домашни кокошки, мисирки, инки, гулаби, паунaсти гулаби, па се до пауни. Од пловни птици, домашни патки, гуски мандаринки и каролинки. Сите птици се слободни и шетаат низ дворот и пливат низ езерото.
Абер дојде: Езерото прекрасно изгледа со лотосите на средина. Тие се посеани на дното на езерцето?
Трајчо Митров: Во средината на езерото, имаме посадено лотоси или уште попознати како водни лилии. До сега ги имавме во три бои: црвена бела и жолта, а оваа пролет посадивме увозни лотоси од индонезија, со фасцинантни бои, дури и црна. Лотосите се посадени на дното на езерото.
Абер дојде: Внатре во езерцето забележуваме и риби. Кои видови ги одгледувате?
Трајчо Митров: Во езерото има риби линеш, караш, езерски крап и за украс ја имаме рибата Кои во разни бои.
Абер дојде: Колку е големо езерцето? Со кој материјал е обложено?
Трајчо Митров: Езерото е големо околу 400 м2 и е длабоко 1.5 м. Обложено со речен камен и без вештачки материјали. Над езерото виси прекрасна врба – Ива.
Абер дојде: Вашето семејство си го одржува дворчето?
Трајчо Митров: Најголем дел од активностите околу одржувањето на дворот ги завршуваат моите родители, татко ми Кирил и мајка ми Милева, иако се наоѓаат во озбилни години. Здравјето за сега добро го служи. А можеби и енергијата ја црпат од љубовта кон цвеќињата и животните.
Абер дојде: Колку што може да приметиме вашето дворче е од затворен тип. Планирате да го отворите за посетители?
Трајчо Митров: Дворот е од затворен тип и засега не планираме да биде од отворен тип. Но нашата куќа е домаќинска и гостопримлива куќа и секој добронамерник е добредојден во нашата куќа и двор да ужива во глетката, мирисот, чистиот воздух, пеењето на птиците и крекањето на жабите.
Абер дојде: Дали имате планови уште да го надградувате и оплеменувате со нови видови на билки и животинки или поставување на нови естетски елементи?
Трајчо Митров: Целото семејство – три генерации, сме посветени на дворот и неговото уредување, бидејќи тој не зближува и ни пружа допир со природата, за да и ние се чувствуваме како дел од неа.
И да. Имаме уште многу планови за надградба, ама не брзаме. Треба да оставиме и на генерациите кои доаѓаат после нас да остават свој белег на оваа парче место. Исто како што и нашите претци имаат оставено свој белег овде.
Го допивме кафето, ги каснавме домашно приготвените слатки од баба Милева и побрзавме и оваа приказна што поскоро да им ја претставиме на нашите читатели.