Растенијата што се среќаваат во водните становишта како што е Моноспитовско блато имаат посебни карактеристики што ги разграничува од копнените растенија.
Она што го дава главниот изглед и претставува белег на Моноспитовско блато е секако извонредниот растителен диверзитет. Тука се среќаваат лековити, корисни флотантни (пливачки) ендемечни и други раститлни видови.
Можеби најзначаен вид кој се среќава во Моноспитовско блато е кралскиот папрат (Osmunda regalis) . Ова е единствен локалитет во Македонија каде кралската папрат се развива и тоа на еден многу мал простор. Затоа, општина Струмица во 1987 година донела одлука за заштита на кралскиот папрат.
Овде се развива и четирилисната марзила (Marsilea quadrifolia), папрат што наликува на детелина со четири листа кои пловат по површината на водата. Се поретко се забележува во Блатото. Ова растение се спомнува во Бернската конвенција како загрозен вид.
Покрај овие, има и некои растенија кои се многу ретки во другите делови од Македонија, но и овде имаат многу ограничено распроставување. Некои од нив се: блатната папрат (Thelipteris palustris), сминернискиот тамарис (Tamaris smyrensis), синооката трева ( Sisyrinchin bermudiano), виолетоветио салеп (Orchiis laxiflora), Isoetes Phrygia, бодликавиот амарантас (Amaranhus spinosus), Cladium marisccus и др.
По блатните станишта напролет може да се забележат цветови на жолтата (или блатна) перуника (Iris pseudacorus). Од лековитите растенија може да се спомене воденото нане (Mentha aquatic) и гавезот (Symphutum officinale) кои се среќаваат по влажните ливади.
Голем број растителни видови во Моноспитовско блато бележат драстично намалување на нивната популација. Нивниот слаб адаптациски капацитет, поради нивната еколошка стеновалентност (тесна прилагодба), оневозможуваат нивно ширење во нови простори. Таков е случајот со реликтните видови: кралска папрат и блатна папрат.
ИЗВОР: Монграфија „Моноспитовско блато – последното мочуриште во Македонија“