Досе Ангелов од селото Станци секојдневно доаѓа кај Осоговскиот манастир и ја раскажува својата животна приказна низ звукот од инструментот стар над 100 години
Продорен тажен звук, како да доаѓа од некои дамнешни мачни времиња, одекнува катадневно во кругот на Осоговскиот манастир. Намерникот што таму пристигнува застанува за миг и се впушта во потрага по изворот на оваа мистична и тегобна мелодија. Во еден момент погледот застанува на спротивниот крај од манастирскиот комплекс, некаде кај конаците. Таму, ненаметлив, по малку срамежлив и со задлабочен поглед седи Досе Ангелов, еден од последните, како што вели, природни ќеманеџии во Македонија.
В рака го држи своето ќемане и се чини како да станал едно со дрвениот инструмент. Тегне со импровизираното гудало врз челичните жици и гледа кон далечината, како да сака да види до каде отпатувал звукот од ќемането со кое по цели денови свири и за гостите и за себе. Таму е речиси цело лето, со надеж дека некој добронамерник ќе му остави некој денар или, пак, ќе му даде ручек, колку да помине денот.
Ќемане постаро од 100 години
Вели дека инструментот е од неговиот дедо и дека поминале сигурно повеќе од 100 години откако од него одекнала првата мелодија. Направен е од оревово дрво. За жици нема пари, па става челични кои ги наоѓа овде-онде.
– Свирам од љубов. Од дедо ми го наследив ова ќемане уште како дете и оттогаш не го оставам од рака. Повеќе не може да се најде ваков инструмент, никој не ги прави како некогаш што било и ретко кој свири на ќемане. Можеби сум веќе и последна генерација свирачи на овој инструмент. Младите не се нафаќаат да го свират. Треба, како што се вели, ќемането да ти фаќа, односно да се има талент и желба – вели Досе.
Потекнува од селото Станци и има повеќе од 60 години. Работел во некогашната текстилна фабрика „Карпош-декор“ од Крива Паланка. Во времето на транзицијатастанал технолошки вишок и повеќе не можел да најде работа. Оттогаш единствена утеха му станало ќемането, па преку неговата мелодија си ја искажува маката што ја влече со години.
– Тоа беа убави времиња. Работевме за странски пазари. Убаво се живееше. Сега е поинаку. Оттогаш само маката ни остана. Секој си ја има и на свој начин си ја кажува – вели Досе.
Свири од љубов кон музиката
Кај манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ Досе доаѓа речиси секој викенд во текот на летото. Свири од љубов кон музиката, но и за посетителите, домашни и странски, кои таму поминуваат. Некој одвреме-навреме ќе му даде некој денар, на што е особено благодарен. Никому не му пречи, па од манастирот го оставаат да ги свири своите песни.
Сепак, тој праша дали има место за него во Скопје и дали некој би сакал да му ги чуе мелодиите. Сака да свири во главниот град, но не може да си го дозволи тоа. Нема место каде да преспие, ниту каде да се нахрани.
– Скапо е да патувам секој ден. Што за билет, што за храна, парите ќе отидат. Ќе ми остане само пуста желба. Овде ми е добро, барем сум на свое. Некогаш доаѓаат и странци, па застануваат и гледаат де во мене де во ќемането – вели ќеманеџијата.
Безвремени мелодии
По некое време поминато покрај Досе човек добива чувство дека неговите мелодии се безвремени. Песните како да немаат ниту почеток ниту крај. Како си да е една сплотена епопеја која тој низ музика ни ја раскажува од ден на ден.
По краткиот разговор Досе повторно го зеде инструментот в рака, го упати погледот кон далечината и ја почна својата нова музичка приказна со меланхоличниот звук што одекна од ќемането.
Тоше Огњанов/Телеграф МК