Кога на едно место ќе се најдат духовноста, мирот и спокојот, кога вредните раце на монахињите трпеливо ќе започнат да нижат бисери и да везат срма, токму тогаш се раѓаат митрите – величествените круни на духовните отци. Овие прекрасни епископски круни се барани ширум светот, а денес ги носат епископите во Русија, Америка, Романија…
Се изработуваат токму во нашата земја, во манастирот „Свети Георги Победоносец”, во село Рајчица, Дебарско. Ако патот ве одведе натаму, можеби ќе имате можност одблиску да станете сведоци на раѓањето на митрите. Секоја митра се изработува со посебна молитва, се везе со златни жици и срма, потоа се украсува со бисери или кристали.
Митрите имаат облик на црква, се изработуваат во различни бои, според пригодата за која се носат. Така, за празнувањето на Богородица се носи сина митра, за Дуовден зелена, а за празнување на маченик, црвена митра.
Овие прекрасни дела на монахињите се едно од многуте сведоштва за нашата богата духовност и историја, за традицијата која се пренесува од учител на ученик, за трпеливоста и умешноста потребни да се создаде едно вакво духовно, но и уметничко дело.
Покрај митрите, со историјата на манастирот се поврзува и едно чудо – моштите на Свети Георгиј. Во минатото се чувале на Света Гора, за во 2003 да бидат донесени во манастирот. Се пренесувале во мало дрвено ковчеже и ништо необично не се случувало сè додека комбето во кое се пренесувале не се приближило до манастирот. Токму тогаш, од моштите почнала да се шири пријатна миризба, за која отецот кој ги придружувал моштите ќе рече: „Свети Георгиј си дојде дома”.
Ова е нашата Македонија преку митрите благословени со молитва, изработени со љубов, родени под закрилата на Свети Георгиј.
Стојановска Елена